Владата на Обединетото Кралство го отфрли барањето на Европската комисија да плати помеѓу 4 и 6,5 милијарди евра за учество во програмата Безбедносна акција за Европа (СAФE), дознава Блумберг од извори запознаени со ситуацијата.
Дополнително, се бара административна такса од помеѓу 150 и 250 милиони евра, велат изворите, кои побараа анонимност бидејќи преговорите се доверливи.
Висок британски функционер ги опиша таксите што ги бара Комисијата како неразумни и значително повисоки од она што Велика Британија очекувала да го плати за пристап, потврдувајќи дека Лондон ги отфрлил тие услови.
Функционерот рекол дека Франција зазема најцврст став во однос на финансиските барања од Велика Британија и дека преговорите за намалување на износот ќе продолжат.
Според него, службениците контактирале со помошниците на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупредувајќи дека спречувањето на Велика Британија да се приклучи на програмата СAФE ќе го поткопа европското вооружување и ќе му испрати порака на рускиот претседател Владимир Путин дека континентот не е сериозен во врска со спротивставувањето на агресијата на Москва.
„Ќе прифатиме договори само ако тие се од корист за Обединетото Кралство и нејзината индустрија. Ништо не е договорено и нема да коментираме за тековните преговори“, се вели во соопштението на британската влада.
Британските компании би имале корист ако Обединетото Кралство преговара за пристап до програмата од 150 милијарди евра, која им овозможува на земјите-членки да позајмуваат пари за да инвестираат во одбранбени капацитети, објави Блумберг.
Средствата би можеле да се потрошат за опрема чии компоненти главно доаѓаат од Европската унија, Украина и земјите во Европската економска зона (ЕЕА) и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА).
Програмата е дел од обидот на Европската унија да ја зголеми одбранбената подготвеност по руската инвазија на Украина во 2022 година, поради загриженоста дека американскиот претседател Доналд Трамп ги намалува безбедносните обврски на САД на европскиот континент.
Иако фондот е првенствено наменет за одбранбени компании од земјите-членки на ЕУ, Брисел, исто така, одржа разговори со земји кои не се членки, вклучувајќи ги Обединетото Кралство и Канада.
Програмата СAФE е финансирана од капацитетот за задолжување на Европската Унија, што значи дека на крајот е гарантирана од буџетот на ЕУ.
Наредните недели ќе бидат клучни за решавање на застојот, бидејќи земјите-членки имаат рок до 30 ноември да поднесат конкретни проекти за финансирање.
Програмата СAФE е дизајнирана да помогне во развојот на одбранбените капацитети што најмногу им се потребни на Европа, вклучувајќи беспилотни летала, сајбер одбрана, ракети и европски воздушен штит, додека Унијата се стреми да изгради војска доволно способна да ја одврати Русија.
















