Франција го регистрираше својот прв потврден случај на хантавирус кај патник кој пристигнал во земјата од крузерот „МВ Хондиус“, каде што избувна епидемија со сојот кој се пренесува од човек на човек, потврди Стефани Рист министерката за здравство.
Пациентката е жена која била меѓу петте француски државјани евакуирани од бродот и префрлени од шпанските Канарски Острови во Франција во неделата, изјави Рист.
Таа развила симптоми за време на летот за евакуација помеѓу шпанскиот остров Тенерифе и францускиот аеродром Ле Бурж во близина на Париз.
„Тестовите се позитивни за хантавирус“, рече Рист, додавајќи дека состојбата на пациентката „за жал се влошила преку ноќ“.
Францускиот премиер Себастијан Лекорн изјави дека жената веќе развила симптоми во текот на летот од Шпанија до Франција.
Четворицата други француски државјани беа негативни на тестот за вирусот, но ќе останат во изолација најмалку 15 дена, рече министерката Рист, додавајќи дека властите можат да ги продолжат мерките за изолација според постојните регулативи.
Властите, исто така, идентификуваа 22 француски државјани кои биле на претходни летови поврзани со кластерот на случаи, вклучувајќи ги и линиите помеѓу Света Елена и Јоханесбург и помеѓу Јоханесбург и Амстердам.
Министерството за здравство соопшти дека осум француски државјани од летот Света Елена-Јоханесбург биле ставени во изолација пред речиси една недела, додека на другите им е наложено да контактираат со здравствените власти и да се самоизолираат.
Хантавирусот е ретка болест која обично се пренесува преку заразени глодари или нивниот измет, иако сојот што е одговорен за оваа епидемија може да се шири и меѓу луѓето.














