Тројца македонски ултрамаратонци на целта на „Трката на џиновите” во Италија
Жикица Ивановски е еден од ултрамаратонците кои ја завршија трката која неодамна се одржа на италијанските Алпи. Со него разговаравме за згодите и незгодите на патеката долга 336 километри во Аостинската долина.
Да истрчате 336 километри од кои 25 000 метри во позитивно искачување. Изгледа неверојатно нели? Тоа му успеа на ултрамаратонецот Жикица Ивановски од Штип на ултрамаратонот кој неодамна се одржа на италијанските Алпи.
„Трката на џиновите” во Аостинската долина во просек ја завршуваат околу 40 проценти од учесниците. Се трча и на три илјади метри надморска височина. На целта треба да се стигне најдоцна за 150 часа, а Ивановски ја заврши трката за 109 часа. Се пласира на 129 место меѓу 1 100 учесници.
„Претежно ми се мотаа мисли додека трчав. На некои делови бев сам и преку ноќ, на некои делови трчав со разни луѓе. Мислев таму на секакви работи, на пријатели, на фамилија. Додека при финишот на целта некако немав некои посебни емоции, не како што мислев дека ќе имам туку едноставно влегуваш во финиш и велиш, тоа е тоа”, вели ултрамаратонецот Ивановски.
На вакви екстремни делници, за да се стигне до целта од инзвонредна важност е физичката подготвеност, но и менталната сила на ултрамаратонецот.
„Пред се предизвик ми беше должината. Бидејќи до сега немав таква должина истрчано. Најголема должина до сега ми беше 100 миљи, 170 километри”, изјави Ивановски.
На уктрамаратонот има шест места за одмор или преспивање и попатни точки за храна. Учесниците сами одлучуваат колку ќе се задржат. Иако имал повреда на левото стапало Жикица ниту еднаш не помислил да се откаже.
„Прв пат ми се случува такво нешто и беше чудно малку и поради таа повреда може да ти се надоврзе и некоја друга. После имав и некоја друга на левиот квадрицепс. Но за среќа таму има врвни масери, физиотерапевти коишто доста ни помагаа во овие моменти”, истакнува Ивановски.
Тој не беше единствениот македонски претставник. Ултрамаратонот успешно го завршија и Катерина Шиповиќ и Радмила Јованова. Тие тројца се дел од клубот Трекс. „Македонските хероини” на целта пристигнаа за 129 часа и 42 минути Шиповиќ, а Јованова за 141 час и 10 минути.