Москва го слави освојувањето на Покровск, Украина демантира дека Русите го освоиле градот

Ова значи не само дека го ослободивме Покровск, туку и дека напредуваме во областа околу Запорожје, таквиот воен успех во последно време е повеќе од импресивен, изјави рускиот претседател Путин

By
Кремљ објави дека руските сили ја презеле контролата и врз Вовчанск во регионот Харков / AA

Претседателот на Русија Владимир Путин денеска им го честиташе на руските војници освојувањето на градот Покровск, во источниот украински регион Донецк, но од Киев демантираат дека градот паднал во руски раце.

Руското министерство за одбрана денеска објави видеа на кои се гледаат како нивни војници подигнуваат руски знамиња низ Покровск за да покажат оти по долги месеци крвави борби, градот - симбол на отпор - повеќе не е во рацете на украинските бранители.

„Нашите вооружени сили целосно ја презедоа иницијативата во спроведувањето на специјална воена операција. Руските единици буквално напредуваат на сите делови од бојното поле. Ова значи не само дека го ослободивме Покровск, туку и дека напредуваме во областа околу Запорожје. Таквиот воен успех во последно време е повеќе од импресивен. Ве молам, сите команданти, пренесете ги моите лични честитки до сите офицери и војници на теренот. И кажете им дека очекувам да продолжат со своите успеси“, изјави Путин.

Кремљ објави дека руските сили ја презеле контролата и врз Вовчанск во регионот Харков.

Украинската војска, пак, го отфрли извештајот на Москва дека руските сили го освоиле стратешкиот источен град Покровск.

„Дрските изјави на раководството на агресорската земја дека руската армија ги „окупирала“ овие места не одговараат на реалноста“, се вели во соопштението на Генералштабот на Киев, осврнувајќи се и на градовите Вовчанск и Купјанск.

Набљудувачите сугерираат дека руското објавување на воените освојувања би можело да се темпира непосредно пред посетата на Москва од страна на американскиот специјален претставник Стив Виткоф во вторник, бидејќи Кремљ се обидува да покаже напредок пред разговорите за евентуален мировен план.