Трамп: Се работи на договорот за Гренланд, тој ќе биде исклучително добар за САД
Си-Ен-Ен претходно објави дека американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постигнале усмен договор за Гренланд за време на состанокот во среда, но сè уште не е изготвен никаков документ за идниот договор
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека се работи на договорот за Гренланд и дека тој ќе биде „невероjaтно поволен за САД“.
„Враќање во Вашингтон. Беше неверојатно во Давос. Планот за Гренланд се изработува и ќе биде исклучително добар за САД, а Одборот за мир е нешто што светот никогаш порано не го видел - Многу посебно“, напиша Трамп на социјалните мрежи за време на враќањето во Вашингтон од Давос.
Тој додаде дека „се случуваат толку многу добри работи“.
Си-Ен-Ен претходно објави дека американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постигнале усмен договор за Гренланд за време на состанокот во среда, но сè уште не е изготвен никаков документ за идниот договор.
Според Си-Ен-Ен, кој се повикува на добро информирани извори,Трамп и Руте се согласиле да продолжат со понатамошни разговори за ажурирање на договорот од 1951 година меѓу САД, Данска и Гренланд, кој го регулира военото присуство на САД на островот.
Рамковниот договор, додадоа тие, гарантира дека на Русија и Кина ќе им биде забрането да вршат какви било инвестиции во Гренланд и предвидува зголемена улога на НАТО на арктичкиот остров.
Двајца извори рекоа дека друг елемент од евентуалниот договор е зголемениот пристап на САД до природните ресурси на Гренланд, вклучувајќи ги и неговите минерални резерви.
Сепак, Руте денес негираше дека разговарал за ова прашање директно со Трамп.