Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа загуби од големата фаворитка Аманда Анисимова, шестопласираната на ВТА листата, со 2:0 во сетови, но не разочара во дебитантскиот и историски настап на Вимблдон.
За првпат во историјата една македонска тенисерка се појави во главниот ждреб на Гренд Слем турнир, и тоа на најпрестижниот тениски турнир во светот во поединечна конкуренција, кој се смета за неофицијалното светско првенство во тенис.
Ѓорческа во првиот сет даде солиден отпор и освои три гема. Сепак, Американката со руско потекло ја потврди својата класа, таа е финалистка од минатата сезона, а има големи амбиции за освојување на турнирот.
Во вториот сет Аманда Анисимова славеше со 6:2 во гемови, а мечот траеше еден час.
Македонската тенисерка забележа дури 8 двојни сервисни грешки наспроти само 2 на Анисимова, а успешноста на првиот сервис изнесуваше 41%.
Анисимова реализира 3 од вкупно 4 брејк топки, додека Ѓорческа во текот на целиот меч не успеа да избори ниту една брејк шанса .
Американката освои убедливи 62 поени, наспроти 37 поени за Ѓорческа.










