Видеоиграта ГТА 6 (Grand Theft Auto VI) на компанијата „Рокстар гејмс“ доби високи оценки од критичарите по нејзиното глобално лансирање, при што водечките гејмерски медиуми му доделија речиси совршени оценки на долгоочекуваното продолжение.
Верзијата на играта за „Плејстејшн 5“ има оценка 99 од 100 на платформата „Метакритик“, со што го изедначи највисокиот резултат во историјата на оваа платформа за собирање рецензии. Исто така првичните проценки се дека досега играта заработила над 1.6 милијарди долари, што претставува нов рекорд во гејминг и забавната индустрија.
Рекордот за најдобар рејтинг од 1998 година го држи играта на „Нинтендо“ – „Легендата за Зелда: Окарина на времето“ (The Legend of Zelda: Ocarina of Time).
Гејмерските медиуми „Гејмспот“ и „Ај-Џи-Ен“ ја оценија ГТА 6 со 10 од 10, додека „Јурогејмер“, „ГејмсРадар+“ и „Видео гејмс хроникл“ ѝ доделија пет од пет ѕвезди.
Рецензентите ги пофалија огромниот отворен свет на играта, детално разработените опкружувања, механиките на играње и приказната, која го следи криминалното партнерство меѓу главните ликови Лусија Каминос и Џејсон Дувал во измислената сојузна држава Леонида.
Рецензентот на „Видео гејмс хроникл“, Џордан Мидлер, ја опиша играта како „модерно ремек-дело“, истакнувајќи го нејзиниот свет што го вовлекува играчот, визуелните ефекти, музиката и раскажувањето.
Сепак, Мидлер забележа повремени падови на бројот на кадри во секунда во густо населените области, каде што играта понекогаш има тешкотии да ја одржи целната стапка од 30 кадри во секунда.
Рецензентот на „ГејмсРадар+“, Џош Вест, ја нарече ГТА 6 „најреалистичен виртуелен свет во својата генерација“, пофалувајќи ги софистицираниот систем на полициско реагирање, поголемата флексибилност во мисиите и влијанието на постапките на играчите врз односот меѓу Лусија и Џејсон.
Вест истакна и дека побавното и пореалистично темпо на играта би можело да предизвика поделени реакции кај долгогодишните обожаватели, навикнати на динамичната акција во претходните изданија.
Позитивните рецензии доаѓаат по повеќе од една деценија исчекување на продолжението на ГТА 6, објавена во септември 2013 година.
Според издавачот „Так-Ту интерактив“, ГТА 6 е продадена во речиси 235 милиони примероци во светот.
ГТА 6 е објавена за „Плејстејшн 5“ и „Иксбокс серија Икс|Ес“, а Нов Зеланд беше меѓу првите пазари на кои играта стана достапна поради постепеното објавување во различни временски зони.






















