Кина наводно ги хакирала мобилните телефони на помошниците на неколку британски премиери, тврди британскиот медиум „Телеграф“.
Тврдењата на медиумот доаѓаат во време кога актуелниот британски премиер Кир Стармер треба да ја посети Кина оваа недела, што би било прво такво патување од 2018 година.
Во извештајот, објавен вчера, се тврди дека мобилните телефони на високи функционери на Даунинг стрит биле компромитирани од кинески државно спонзорирани хакери во текот на неколку години.
Операцијата, наводно со кодно име „Солтен тајфун“, била насочена кон помошници блиски до поранешни премиери, вклучувајќи ги Борис Џонсон, Лиз Трас и Риши Сунак, помеѓу 2021 и 2024 година.
Иако останува нејасно дали личните уреди на премиерите биле засегнати, во извештајот се вели дека пробивот стигнал „директно во срцето на Даунинг стрит“.
Британската шпионска агенција MI5 наводно издала предупредување за шпионажа до парламентот минатиот ноември, предупредувајќи за кинески закани од шпионажа.
Немало непосредна реакција од Кина на тврдењата на „Телеграф“.
Минатиот месец, британската влада санкционираше две технолошки компании со седиште во Кина за „неодговорни и неселективни кибер напади“ против „Велика Британија и нејзините сојузници“.
Пекинг ја осуди одлуката, изразувајќи „силно незадоволство“, а портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, рече дека Кина „цврсто се спротивставува и се бори против хакерските активности во согласност со законот, а во исто време, решително се спротивставува на ширењето лажни информации за политички цели“.














