Гаши: Безбедноста на Европа не може да биде целосна без безбедноста на Западен Балкан

„Западен Балкан има само една алтернатива, а тоа е ЕУ. Затоа имајќи ја предвид оваа геополитичка ориентација, мора да бидеме активни учесници во европските политики, а не само гледачи на случувањата.“

By
Гаши: Безбедноста на Европа не може да биде целосна без безбедноста на Западен Балкан / TRT Balkan

Нашата безбедност не може да биде одржлива без целосна интеграција на регионот во структурите на НАТО и Европската Унија. Војната во Украина е најјасниот доказ за ова тврдење. Таа нè потсетува дека мирот и стабилноста на нашиот континент не се трајни и слободни, туку бараат единство, стабилност и солидарност, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши на отворањето на 10. јубилејна годишна конференција за координација на безбедноста на Западен Балкан под мотото „Западен Балкан – ЕУ: Заедничка безбедност, заедничка иднина“. 

Конференцијата, која официјално беше отворена вчера, се одржува во Скопје во организација на Советот за регионална соработка (СРС), со поддршка од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија и Министерството за внатрешни работи на Италија и во партнерство со Владата на Република Северна Македонија.

Според претседателот на Собранието, Африм Гаши, партнерството со ЕУ треба да се продлабочи во областите што директно го засегаат секојдневниот живот на граѓаните, а тоа се владеењето на правото, економијата, образованието, здравството, социјалните политики и заедничките безбедносни политики.

„Западен Балкан има само една алтернатива, а тоа е ЕУ. Затоа имајќи ја предвид оваа геополитичка ориентација, мора да бидеме активни учесници во европските политики, а не само гледачи на случувањата. Од нас се очекува политичка храброст и непоколебливост во оваа заедничка визија“, порача Гаши.


Вицепремиерот задолжен за политики на добро управување, Арбен Фетаи во својот говор нагласи дека безбедноста не се раѓа од стравот, таа расте од довербата. Кога институциите се транспарентни и одговорни, како што рече, се намалува просторот за злоупотреба, корупција и арбитрерност. Според него, довербата е определувачкиот збор на нашето време. Таа е новата валута на модерното управување, повредна од било која друга, бидејќи без неа нема економски напредок, политичка стабилност или институционални реформи.

Генералниот секретар на СРС, Амер Капетановиќ нагласи дека 10-та Регионална конференција за безбедносна координација („Џамбо“) е многу повеќе од конференција.

„Тоа е жива мрежа на доверба. Заедно изградивме најсигурна регионална платформа за дијалог за безбедност и отпорност. Денес нашите граѓани се соочуваат со нови закани – од организиран криминал и корупција до сајбер и хибридни ризици – но една вистина останува непроменета: никој не може сам да се соочи со нив. Соработката не е само стратешка опција, тоа е нашиот единствен пат кон безбедност и стабилност. Бидејќи вистинската безбедност не се мери со оружје или ѕидови, туку со довербата што нашите граѓани ја имаат во своите институции“, вели Капетановиќ.

Aмбасадорoт на Италија во Скопје, Паоло Палминтери истакна дека посветеноста и поддршката на Италија на Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council – RCC) е дел од нивната стратегија – полноправно членство во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Тој изрази надеж дека Македонија ќе биде во водечката група.

Според програмата, денес ќе се одржат паралелни работни групи за миграција, организиран криминал и сајбер закани, кои ќе излезат со конкретни препораки за следните чекори.