| Macedonian
ПОЛИТИКА
4 мин читање
Како сириските деца присилно биле регрутирани од терористичката ЈПГ/СДФ
Неодамнешните операции на сириската армија против ЈПГ/СДФ повторно го привлекоа вниманието кон практиката на терористичката организација насилно да регрутира деца
Како сириските деца присилно биле регрутирани од терористичката ЈПГ/СДФ
Бекир и Хусам билe пуштени на слобода откако сириската армија ги натерала припадниците на ЈПГ/СДФ да ги напуштат областите што ги окупирале / AA
24 јануари 2026

Двајца сириски малолетници присилно регрутирани од терористичката организација ЈПГ/СДФ, а подоцна ослободени по операциите на сириската армија, за Анадолу изјавија дека многу деца како нив биле држени против нивна волја во камповите на организацијата.

Неодамнешните операции на сириската армија против ЈПГ/СДФ повторно го привлекоа вниманието кон практиката на терористичката организација насилно да регрутира деца.

Сликите на убиените во судирите со сириските сили објавени од организацијата, исто така, открија дека многу малолетници биле земени во нејзините редови.

Бекир Фејиз Белеш и Хусам Ибрахим Касим, две сириски деца што велат дека биле принудени да служат во редовите на ЈПГ/СДФ, ги споделија своите приказни со Анадолу.

Бекир има 16 години, а Хусам 17 години. И двајцата се од арапско потекло.

Тие рекоа дека биле приведени од организацијата во декември 2025 година додека се обидувале илегално да преминат во Турција за да работат, а потоа биле принудени да земат оружје в рака во северниот сириски град Ајн ал-Араб.

Нè однесоа во Хасака и нè принудија на воена обука

Хусам, кој е од подрачјето на Мунбич во покраината Алепо, рече дека на границата ги запреле припадници на ЈПГ/СДФ додека се обидувале да преминат во Турција преку илегални патишта од Ајн ал-Араб.

Хусам рече дека ги држеле во Ајн ал-Араб, а потоа биле насилно регрутирани.

„Подоцна нè однесоа во Хасака и нè принудија на воена обука. Под закана со оружје ни зедоа отпечатоци од прсти. Вршеа притисок врз нас и нè принудија на обука. Еден месец имавме политичка обука. Воената обука траеше само неколку дена“, рече тој.

Хусам додаде дека многу деца како него биле држени во кампот под закана со оружје.

„Двајца, тројца од нив имаа околу 25 години. Другите се родени во 2007, 2008 или 2009 година“, рече тој.

Повеќето од тие во кампот беа под 18 години

Хусам рече дека припадниците на организацијата ги тепале кога протестирале против нивниот третман.

„Сите сме деца од локалните племиња. Таму заедно дејствувавме и протестиравме. Сите нè соборија на земја и почнаа да нè тепаат“, рече тој.

Опишувајќи ги условите за време на заробеништвото, Хусам раскажа: „Бев во многу лоша состојба и не можев да спијам. Ситуацијата беше ужасна. Беше многу ладно. Немаше топла вода. Дури и не ни дозволуваа удобно да спиеме.“

„Оние што нè обучуваа беа Арапи од Хасека. Меѓу нив имаше и Курди. Повеќето од тие во кампот беа помлади од 18 години. Многу од нив сакаа да избегаат.“

„Меѓу нас имаше и Либанци. Голем број од нив беа приведени од организацијата и донесени сосила.“

Хусам рече дека откако сириската армија започнала операции овој месец и на западната и на источната страна од реката Еуфрат, припадниците на ЈПГ/СДФ се повлекле од областа.

Тој рече дека тогаш биле ослободени и им се предале на сириските сили.

Три дена ни даваа само леб и домати

Шеснаесетгодишниот Бекир, кој рече дека имал слична судбина со Хусам, исто така, бил приведен од ЈПГ/СДФ во Ајн ал-Араб и присилно регрутиран.

Бекир, кој е од градот Хомс, рече дека откако бил регрутиран, од Ајн ал-Араб бил пренесен во камп во Рака, источно од реката Еуфрат, под контрола на ЈПГ/СДФ, кратко пред операцијата.

По Рака, Бекир рече дека биле однесени во академијата „Хасан Дервиш“, под контрола на организацијата, каде што им биле насилно земени отпечатоци од прсти и биле подложени на обука.

Потсетувајќи се на суровите услови во камповите, Бекир рече: „Таму, во Рака, ни вршеа притисок и ни земаа отпечатоци од прсти. По Рака, нè однесоа во 'Хасан Дервиш'. Подоцна нè однесоа на обука во академијата за самоодбрана.“

„Ручавме, а потоа требаше да вечераме. Ни рекоа дека нема вечера и вода. Три дена ни даваа само леб и домати.“

Бекир рече дека неколкупати се обиделе да избегаат од кампот, но им се заканувале со смрт.

„Неколкупати се обидовме да избегаме, но секогаш од небото имаше звуци од авиони. Околу тоа време, припадниците на организацијата доаѓаа и нè плашеа, заканувајќи се дека ќе пукаат во секој што ќе излезе низ вратата“, рече тој.

Бекир, како и Хусам, рече дека бил пуштен на слобода откако операциите на сириската армија ги натерале припадниците на ЈПГ/СДФ да ги напуштат областите што ги окупирале, по што им се предал на сириските сили.

Извор: АА


Повеќе
Турскиот и францускиот шеф на дипломатијата на средба во Анкара
Прекин на товарниот сообраќај на граничните премини од 12 часот
Турскиот министер за надворешни работи оствари средба со нигерискиот колега
Кина: Договорот со Канада не е насочен против САД
Германскиот министер за одбрана бара извинување од САД по коментарите на Трамп за Авганистан
Израел: Преминот Рафа во Газа ќе биде отворен, но со ограничувања
Кремљ: Следната рунда преговори со Украина ќе се одржи во Абу Даби
Рубио разговараше со Ал-Судани за пренесување терористи на ДАЕШ во ирачки објекти
Полскиот претседател вели дека Русија ќе остане закана за Европа
Еден Палестинец е убиен во израелски оган во Газа
Ердоган: Борбата против терористичката група ДЕАШ се зајакнува
Како Туркије се стреми да стане глобален лидер во зелената енергија
Зошто амбицијата на Трамп за Гренланд насекаде има отпечатоци од Силиконската долина
Надеж со доза на резерва: Како Палестинците го гледаат новиот план за управување со Газа
Трамп го искористи привидението на шверц на дрога за да ја нападне Венецуела- ова се фактите