Мицкоски на конгрес на Европската народна партија

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со партиска делегација, од денеска до 20 март ќе учествуваат на Конгресот на Европската народна партија во Брисел.

By
Мицкоски на конгрес на Европската народна партија / AA

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со партиска делегација, од денеска до 20 март ќе учествуваат на Конгресот на Европската народна партија во Брисел. На конгресот се поканети и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, соопшти прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека присуството на конгресот ја потврдува определбата на земјата за европска интеграција и обезбедува можност за билатерални средби со претседатели, премиери и лидери од семејството на Европската народна партија.

Делегацијата на Мицкоски ја сочинуваат партискиот генерален секретар, Драган Ковачки, и членот на Извршниот комитет, Стефан Андоновски. Тие ќе присуствуваат и на свеченоста со која Европската народна партија ќе ја одбележи 50-годишнината од своето постоење, период во кој партиското семејство имало централна улога во обликувањето на Европа и заштитата на нејзините основни вредности.

„Присуството на Мицкоски и делегацијата на овој висок собир ја потврдува цврстата определба на Република Македонија за европска интеграција и активна вклученост во процесите кои ја дефинираат иднината на Европа. Ова учество е значајна можност за афирмација на националните интереси и за зајакнување на позицијата на државата во рамки на европското политичко семејство, како и за билатерални средби со присутните лидери“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.