Израел привел повеќе од 2.000 палестински деца од почетокот на геноцидната војна во Појасот Газа, а најмалку 350 од нив и натаму се во притвор во сурови услови, според извештајот на Палестинското здружение на затвореници.
Невладината организација во извештајот вели дека израелската армија во текот на ноќта привела шест деца во градовите Саир и Ал-Шујух, во гувернатот Хеброн на окупираниот Западен Брег.
„Следењето и документирањето покажуваат дека повеќе од 2.000 деца биле приведени од почетокот на геноцидот во октомври 2023 година, додека најмалку 350 и натаму се во притвор во сурови услови“, се наведува во извештајот.
Здружението предупреди на засилување на целењето кон палестинските деца преку практики како што се заплашување, приведување, тортура, изгладнување, изолација и лишување од здравствена заштита.
Се додава дека податоците за бројот на деца приведени од Појасот Газа од почетокот на војната и натаму се нејасни, особено поради илјадници исчезнати лица во енклавата, меѓу кои и деца, како и продолжувањето на практиката на „присилно исчезнување“.
Здружението наведе дека израелската политика на административен притвор, според која палестинските притвореници се задржуваат без јавно наведено обвинение или јасно утврден рок за ослободување, ги остава децата со неизвесна иднина и ги лишува од стабилноста во семејниот и образовниот живот.
Исто така, се наведува дека израелските судови придонесуваат за продолжување на прекршување на правата на децата во услови на отсуство на ефективна одговорност.
Услови во притворот
Палестинското здружение на затвореници го посочи случајот на детето Валид Калед Ахмад, кое „почина во затворот 'Мегидо' во март 2025 година, во услови кога медицинските наоди во тоа време укажувале на тешка изнемоштеност и знаци на неисхранетост и дехидрација“.
Здружението постави прашања за одговорноста за неговата смрт, посочувајќи дека истрагата за случајот била затворена.
Истакнат е и случајот на 15-годишниот Мухамед Хамид кој, според здружението, заболел од шуга додека бил во притвор во затворот „Офер“, што довело до влошување на неговата здравствена состојба и сериозни инфекции што ги зафатиле виталните органи.
Хамид бил подложен на операции на срцето и бил примен на интензивна нега во критична состојба, а подоцна му била ампутирана едната нога, соопшти здружението.
Се додава дека Хамид продолжил да добива медицински третман околу три месеци откако израелските власти го ослободиле по влошувањето на неговата здравствена состојба, потег што здружението го опиша како „избегнување на одговорноста за неговата медицинска грижа“.
Здружението повика на меѓународни активности за да се обезбеди ослободување на децата што се неселективно притворени, да се стави крај на административниот притвор и присилните испрашувања и да се запрат тортурата, изгладнувањето и лишувањето од медицински третман.
Се нагласува потребата од премин од документирање и осуда кон конкретни мерки што ќе ги прекинат прекршувањата и ќе стават крај на неказнивоста, наведувајќи дека „заштитата на палестинските деца бара решителна меѓународна интервенција за да се обезбеди почитување на нивните права, животи и достоинство“.
Од октомври 2023 година убиени се повеќе од 74.000 Палестинци, над 175.000 се повредени во Газа во израелскиот геноцид, а околу 90 отсто од инфраструктурата во енклавата се оштетени или уништени.
Упадите на израелската армија и нападите на израелските доселеници врз Палестинците и нивниот имот се интензивираа на окупираниот Западен Брег, вклучително и во Источен Ерусалим, од почетокот на израелскиот геноцид во Појасот Газа во октомври 2023 година.
Извор: АА


























