Москва: Можеби Киев стои зад саботажа на гасоводот „Турски тек“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека не постојат конкретни докази за тоа кој би можел да стои зад обидите за напади, но посочи дека може да се претпостави вмешаност на режимот на Киев
Русија соопшти дека можеби Украина е вмешана во обидите за напади врз гасоводот „Турски тек“, кој поминува низ руска територија но, и на кракот кој ги поврзува Унгарија и Србија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека не постојат конкретни докази за тоа кој би можел да стои зад обидите за напади, но посочи дека може да се претпостави вмешаност на режимот на Киев, откако српските власти изнесоа наводи дека се пронајдени експлозиви во близина на гасоводот. .
„Како што знаеме, режимот во Киев претходно беше директно вклучен во вакви акти на саботажа против критична енергетска инфраструктура. Со голема веројатност може да се претпостави дека и овој пат ќе се откријат траги на вмешаност на киевскиот режим“, рече Песков.
Тој додаде дека Москва се надева дека за време на посетата на украинскиот претседател Владимир Зеленски на Туркије му било укажано дека агресивни дејствија против инфраструктурата на гасоводите „Турски тек“ и „Син тек“ се неприфатливи.
Од друга страна, Украина „категорично“ ги отфрли обидите да биде поврзана со пронајдениот експлозив во близина на гасоводот „Турски тек“ на релацијата Србија – Унгарија.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георги Тихиј, изјави дека Украина „нема никаква врска со тоа“. Тој напиша дека најверојатно станува збор за „операција под лажно знаме“ на Русија, поврзана со наводно мешање во унгарските избори закажани за 12 април.
Песков изјави дека Русија презема мерки за да ја осигури безбедноста на инфраструктурата на „Турски тек“ и „Син тек“ и додаде: „Се надеваме дека и Унгарија и Србија ќе преземат мерки за намалување на заканата за овие гасоводи“.
На прашањето за изјавата на шефот на претседателскиот Кабинет на Украина, Кирил Буданов, во врска со претстојната посета на американските претставници на Украина по 12 април, Песков рече дека не постојат конкретни сознанија за тоа.
„Слушнавме изјави од претставници на режимот во Киев дека такво прашање може да биде на дневен ред - што значи доаѓање на (Стив) Виткоф и (Џаред) Кушнер“, додаде тој.
Тој додаде дека преговорите за Украина моментално се во застој и дека е тешко да се одржат во трилатерален формат, бидејќи САД имаат и други приоритети.
Русија и Украина продолжуваат да контактираат со САД преку нивните соодветни канали и да разменуваат информации.
„Украинците продолжуваат да разговараат со Американците, а и ние преку нашите канали продолжуваме да разменуваме ставови со нив“, рече Песков.
Осврнувајќи се на ситуацијата на Блискиот Исток, Песков изјави дека нападите врз Иран довеле до дополнителна ескалација на тензиите.
„Забележуваме дека нивото на тензии во регионот расте и продолжува да расте. Практично целиот регион е во пламен. Ова се многу опасни негативни последици од агресијата врз Иран. Географијата на овој конфликт се прошири и сега сите сме сведоци на последиците што ги имаме“, рече тој.