Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека Украина е подготвена да го замрзне конфликтот по должината на актуелната линија на фронтот и да премине кон дипломатски преговори во рамките на напорите за завршување на војната со Русија.
Во интервјуто за американската телевизиска мрежа Фокс њуз, Зеленски рече дека потоа Киев планира да побара безбедносни гаранции од САД и европските земји.
„Да. Во моментов мора да го замрзнеме конфликтот и мислам дека ова е реален начин за завршување на оваа војна“, рече тој, додавајќи дека прекинот на огнот е минимумот што Украина го очекува од Русија.
Тој рече дека потоа Киев ќе им се обрати на американскиот претседател и на европските лидери за да побара безбедносни гаранции, нагласувајќи дека мирот и безбедноста се најважни приоритети.
На прашањето дали Украина би се согласила да го предаде регионот Донбас во замена за завршување на војната, Зеленски ја отфрли сугестијата дека Русија победува на бојното поле, велејќи дека Москва се обидува да изврши притисок врз Киев за да се повлече од својата територија.
„Во 2026 година тие не постигнаа успех. Не победуваат на бојното поле“, тврдеше тој.
Зеленски призна дека Украинците се уморни од војната, но рече дека земјата едноставно не може да се откаже од својата територија.
Тој повтори дека преговорите треба да започнат од актуелните позиции на бојното поле, а мировниот план да биде изработен по дипломатски пат.
Украинскиот претседател, исто така, ја оцени како „продуктивна“ средбата со специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, одржана претходно во Осло, Норвешка.
Тој му се заблагодари на норвешкиот премиер за организирање на разговорите, во кои учествуваа и европски лидери и американски претставници, меѓу кои и Џаред Кушнер, кој се вклучил од далечина.
Зеленски рече дека разговорите биле насочени кон можните чекори за постигнување мир и изрази надеж дека средбата на Виткоф во Русија ќе донесе повратни информации.
Тој рече дека можните почетни чекори за деескалација би можеле да вклучуваат прекини на огнот што би ги опфатиле безбедноста на храната, поморските активности и енергетската инфраструктура.
Зеленски рече дека веднаш ја поддржал идејата за прекин на огнот во енергетскиот сектор, што ја предложил американскиот претседател Доналд Трамп.
„Се надевам дека денес, за неколку часа, ќе имаме некакви резултати“, додаде тој.























