| Macedonian
За секој долар потрошен за заштита на природата, 30 долари одат за нејзино уништување
Извештајот на УНЕП открива дека глобалните финансии сè уште се силно насочени кон активности што им штетат на екосистемите и покрај растечките инвестиции во решенија базирани на природата
За секој долар потрошен за заштита на природата, 30 долари одат за нејзино уништување
Исполнувањето на глобалните обврски според Конвенциите од Рио од 1992 г. ќе бара инвестициите да се зголемат на околу 571 милијарда долари до 2030 г. / AFP
пред 4 часа

Нов извештај на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) покажува дека за секој долар инвестиран во заштита на природата, 30 долари се трошат за нејзино уништување.

Извештајот „Состојба на финансиите за природата 2026“ се темели на анализата на УНЕП од 2023 година, која откри дека владините субвенции и приватните инвестиции еквивалентни на приближно 7% од глобалната економија директно ги оштетуваат екосистемите. 

Најновото издание, исто така, испитува како тие финансиски текови можат да се пренасочат кон економски модел позитивен за природата.

Михаел Кониг-Сикорова, виш раководител на проекти на Франкфуртската школа за финансии и менаџмент и главен автор на извештајот, рече дека постојат знаци дека инвеститорите постепено се префрлаат кон одржлив раст.

Решенијата базирани на природата веќе се имплементираат во сектори како што се заштита на крајбрежјето, урбано ладење, управување со водите и земјоделството, водени од предностите на трошоците, регулаторните притисоци и менувањето на однесувањето на потрошувачите, изјави тој за Анадолу.

Исто така, постојат знаци дека некои штетни инвестиции се повлекуваат, рече тој, истакнувајќи дека инвестициите во нафта и гас штетни за природата се намалија од 990 милијарди долари во 2020 година на 519 милијарди долари во 2023 година.

„Овој тренд се совпаѓа со растечкото признание дека ризиците поврзани со природата се материјални за финансиската стабилност, заедно со намалувањето на трошоците за производство на обновлива енергија“, рече тој.

Финансирачки јаз помеѓу штетата и заштитата

И покрај растечкиот интерес за одржливи инвестиции, извештајот истакнува голема нерамнотежа во глобалните финансиски текови.

Претходното истражување на УНЕП покажа дека финансиите што директно ја оштетуваат природата достигнале 7,3 билиони долари, додека инвестициите во решенија базирани на природата изнесувале вкупно само 220 милијарди долари, создавајќи сооднос од повеќе од 30 спрема 1.

Од 7,3 билиони долари штетни финансии, 2,4 билиони долари доаѓаат од владина поддршка, во голема мера насочена кон сектори како што се фосилни горива, земјоделство и користење на вода.

Останатите 4,9 билиони долари произлегуваат од инвестиции во приватниот сектор, концентрирани главно во комунални услуги, индустрија, енергија и основни материјали.

„Главен двигател на негативните влијанија е индустрискиот сектор, кој учествуваше со речиси 1,4 билиони долари во 2023 година“, додаде Кониг-Сикорова.

Во меѓувреме, финансирањето за решенија базирани на природата, како што се реставрација на шумите и управување со отпадни води, достигна 220 милијарди долари во 2023 година, при што околу 90% доаѓаат од јавни извори.

Придонесите од приватниот сектор изнесувале вкупно 23,4 милијарди долари, иако извештајот забележува постепен тренд на зголемување.

Сепак, исполнувањето на глобалните обврски според Конвенциите од Рио од 1992 година за климатските промени, губењето на биолошката разновидност и опустинувањето ќе бара инвестициите во решенија базирани на природата да се зголемат на околу 571 милијарда долари до 2030 година и 771 милијарда долари до 2050 година, според извештајот.

Исто така, се нагласува дека шумите и океаните остануваат недоволно финансирани и покрај нивната централна улога во справувањето со климатските промени и губењето на биолошката разновидност и се повикува на посилни инвестиции во урбани зелени површини, регенеративни земјоделски практики и инфраструктура компатибилна со природата, вклучувајќи градежни материјали што апсорбираат јаглерод.

Финансиските приоритети ги надминуваат климатските цели

Кониг-Сикорова предупреди дека глобалните политички и економски приоритети сè повеќе ги обликуваат инвестициските одлуки на начини што би можеле да ги поткопаат целите за климата и биодиверзитетот.

Земјите со слаби институционални рамки и ограничен капацитет за спроведување на законите може да бидат особено ранливи на инвестиции што ѝ штетат на природата, рече тој.

Азија предводеше во јавните домашни трошоци за решенија базирани на природата со 93 милијарди долари во 2023 година, по што следуваат Северна Америка со 59 милијарди долари и Европа со 34 милијарди долари.

Сепак, Кониг-Сикорова рече дека инвестициите потребни за исполнување на целите според трите конвенции од Рио остануваат во сериозен ризик.

Со оглед на моменталните трендови, постигнувањето на целите за финансиско усогласување на Парискиот договор и обврските за постепено укинување на штетните субвенции исто така ќе биде тешко, додаде тој.

„Како што гледаме во последниве години ... краткорочните интереси честопати доминираат во инвестициските одлуки насочени кон унапредување на развојот и геополитичките цели без соодветно да се земе во предвид еколошкиот интегритет“, рече тој. 

„Некои политички сигнали, на пример, дискусиите околу ревидирањето на целта на ЕУ за мотори со согорување до 2035 година, покренуваат прашања за кредибилитетот на климатската амбиција во однос на приоритетите на индустриската политика.“

Сепак, тој верува дека траекторијата може да се промени со новите технологии и други решенија.

Транзицијата позитивна кон природата бара силно лидерство, сеопфатни реформи на политиките и координирана јавно-приватна соработка, додаде тој, заедно со промена на начинот на размислување за постепено ставање крај на штетното финансирање и промовирање инвестиции усогласени со целите на Конвенциите од Рио.

Извор: АА

Повеќе
Мусар жали за одлуката на словенечката влада да не се придружи на тужбата против Израел за геноцид
Мицкоски: Очекувам во текот на денот намалување на нафтата за 2,5 денари по литар
Емине Ердоган: Турското признание на генералниот секретар на ОН ќе ги зголеми надежите за мир
Цената на суровата нафта Брент надмина 100 долари за барел поради тензиите во Ормускиот Теснец
Туркије: НАТО неутрализирала балистичка ракета испукана од Иран во турскиот воздушен простор
Четири члена на екипажот загинале во уривањето на американскиот авион КЦ-135 во Ирак
Литванскиот МНР ги обвини сојузниците на НАТО за трошоците за одбрана
Сијарто: ЕУ по примерот на САД да ги укине санкциите за руска нафта
Пленковиќ: Ќе го предупредиме НАТО за новото оружје на Србија
Израелскиот министер за надворешни работи го обвини Милановиќ за антисемитизам
Вашингтон дозволи привремено купување руска нафта која е во транзит на море
Зеленски пристигна во Париз на разговори со Макрон
Мицкоски: Фокусирани сме на економскиот раст, реконструкција во мај-јуни
Иранската револуционерна гарда тврди дека ги нападнала американските бази во Јордан, Бахреин и Ирак
Вучиќ: Србија се подготвува за можен напад од страна на алијансата Хрватска-Албанија-Косово