Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со украинскиот вицепремиер за европски и евроатлантски интеграции, Тарас Качко, изјави дека разговарале за подобрување на билатералните односи, европскиот пат и зајакнување на економската соработка, оценувајќи дека Србија и Украина имаат значаен простор за понатамошно партнерство, пренесува Анадолу.
„Отворен и суштински разговор со вицепремиерот на Украина за подобрување на билатералните односи, европскиот пат на нашите земји и понатамошен развој на соработката во областите од заеднички интерес“, објави Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм по средбата.
Тој нагласи дека посебен акцент ставиле на теми како што се зајакнување на економската соработка, продолжување на преговорите за договор за слободна трговија, како и можностите за понатамошно зголемување на трговијата, инвестициите и соработката во областите на трговијата, енергетиката и инфраструктурата.
Српскиот претседател изјави дека се согласиле дека Србија и Украина имаат простор значително да го прошират своето партнерство, особено преку поконкретно поврзување на економиите и подобро искористување на постојниот потенцијал.
„За време на средбата разменивме мислења и за европската интеграција, имајќи предвид дека европскиот пат е стратешка определба на Србија и важна рамка за реформи, стабилност и развој. Меморандумот за разбирање во областа на европската интеграција претставува дополнителен чекор кон размена на искуства и посилна институционална соработка“, рече Вучиќ.
Како што изјави, во областа на енергетиката, разговарале за регионалната енергетска безбедност, диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, како и важноста на Вертикалниот гасен коридор за поширокото поврзување на нашиот регион со европските енергетски текови.












