Македонија и Австрија имаат извонредни билатерални односи во сите сфери, но постои голем простор и потенцијал за интензивирање на економската соработка, оценија премиерот Христијан Мицкоски и австрискиот канцелар Кристијан Штокер на денешната средба во Виена.
Како што истакнаа на прес-конференција, можност за јакнење на бизнис врските има во повеќе области, посебно во делот на инвестициите и туризмот.
„Клучната порака е дека Европа се наоѓа во пресуден момент кога мора да избере дали ќе реагира на кризите или активно ќе ги обликува правилата. Во услови на неизвесност, енергетски предизвици и економски притисоци, зборовите не се доволни, потребни се конкретни одлуки и дела. Нашата определба е јасна. Да градиме економија што создава, а не само троши. Да градиме држава што нуди сигурност, а не неизвесност. Да градиме систем во кој работата се исплати, а довербата има вредност. Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби. Европа нема да биде стабилна ако нејзините периферии останат несигурни. Европа нема да биде конкурентна ако нејзините економии не растат заедно“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека затоа ова е прашање на билатерална соработка, но, ова е прашање и на заедничка одговорност.
„Ние сме подготвени да ја преземеме таа одговорност. Подготвени сме да работиме. Подготвени сме да носиме одлуки. Подготвени сме да испорачаме резултати. И затоа веруваме дека со партнерство што се темели на доверба и конкретни проекти, ќе изградиме нешто што ќе трае подолго од еден мандат, подолго од една криза, подолго од една генерација“, изјави премиерот.
Билатерализацијата го прави процесот неизвесен
Тој на новинарско прашање, што планира да направи македонската влада за деблокирање на процесот на проширување со оглед на билатералните пречки, особено сега, кога во Бугарија се одржаа парламентарни избори, додаде дека имаме чувство дека процесот се билатерализира, а ние сме жртва на булинг што го прави земја-членка на ЕУ по принципот - „ние сме внатре, вие сте надвор, ако сакате да бидете внатре, мора да ги прифатите нашите услови, во спротивно ќе останете надвор“.
„А тие услови немаат ништо заедничко со Копенхагеншките критериуми. Нашата позиција е многу јасна - ние сме подготвени како Влада да седнеме со нашите соседи и да разговараме за надминување на овој проблем, но за нас се поважни гаранциите кои ние ќе ги добиеме и ги очекуваме од Европскиот совет за нашиот македонски идентитет, дека нема да има дополнителни билатерални прашања кои повторно некој ќе ги отвори. И трето, што правиме со македонската заедница, која, за жал, во Бугарија не може да формира невладина организација, а камоли нешто повеќе и покрај тоа што Европскит суд за човекови права има донесено најмалку 14 пресуди со кои се бара од Бугарија да дозовли барем регистриање невладини организации“, нагласи Мицкоски.
Владата, потенцира, има јасна позиција за иднината на земјата, а тоа е ЕУ, но тоа што фрустрира е, рече, билатерализацијата на пристапниот процес.
„Ние овој процес го почнавме пред 26 години, кога го потпишавме договорот за ССА, пред 21 година официјално станавме кандидати, а од 2009. го добивме првиот позитивен Извештај од ЕК за почеток на преговорите. За жал, поради билатералните прашања, овој процес за нас се претвори во приказна без крај. Попатно го променивне своето знаме, ги променивме своите банкноти, неколку пати го менувавме Уставот, а последно го променивме и уставното име. Зарем има втор пример во Еврола што може приближно да каже дека направил нешто како нас во името на европските интеграции? Втор пример нема. И повторно се бара сега од нас - промена на Уставот“, истакна Мицкоски.
Голем потенцијал за интензивирање на економската соработка
Мицкоски и Штокер информираа и за мерките што нивните влади ги преземаа во однос на кризата.
„Воведовме кочница на цената на горивата во Парламентот, со двотретинско мнозинство, даноците за бензинот и дизелот ги намаливме, нафтените фирми ги ограничивме за маржите. Се спречува непрорпорционалното зголемување на цените, а целта е јасна - ниту државата, ниту фирмите да бидат профитери. Секој месец правиме нови анализи и оценки. Ќе видиме како понатаму ќе дејствуваме, изјави Штокер.
На новинарско прашање за еконоските односи со Северна Македонија, напомена дека има огромен потенцијал за нивно интензивирање.
„Во економијата имаме огромни потенцијали за интензивирање, имаме волумен што треба да се пополни и во надворешната трговија, а може да се зголеми и бројот на австриски компании во Македонија. И во туризмот гледам потенцијал за уште посилна соработка“, рече Штокер.
Мицкоски рече дека Македонија во делот на горивата е на трето место во Европа според обемот на преземени мерки како процент од БДП.
„Имаме убедливо најниски цени на дизелот и безоловните горива во регионот и тоа ни создава мал предизвик, зашто кај соседите се за 40 - 60 центи поскапи. Тоа го зголемува конзумот за 30 отсто, но ние и покрај тоа не одлучивме да воведеме забрана за соседите за користење на нашите потенцијали, ниту забранивме извоз на нафта и нафатени деривати. Во таа насока ќе продолжиме зашто сега се тешки времиња и не смее никој непринципиелно да профитира. Ја следиме состојбата на дневно ниво. Во однос на економската соработка со Австрија, на тет-а-тет средбата со Штокер разговаравме за можностите да се продлабочи. Потенцијалот е голем, а сигурен сум и дека австриските компании се чувствуваат кај нас како дома“, потенцира Мицкоски.



















