| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Мицкоски: Ваква глобална енергетска криза немало досега, но поскапувања на струјата кај нас ќе нема
Планираме зголемување на производството на електрична енергија во РЕК Битола и РЕК Осломеј со јаглен од Косово, како и рестартирање на ТЕЦ Неготино за стабилно снабдување во текот на зимата за да нема поскапување на струјата, вели премиерот
Мицкоски: Ваква глобална енергетска криза немало досега, но поскапувања на струјата кај нас ќе нема
Мицкоски додаде дека Владата досега успевала да ја менаџира и состојбите со нафтата и нафтените деривати / Others

Целта е да нема поскапување на струјата или, доколку има, тоа да биде минимално и помало од пет проценти, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека во моментот, цените на електрична енергија и на гасот во Европа се зголемуваат до трипати.

„Владата планира со зголемување на производството на електрична енергија во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, преку обезбедување јаглен од Косово, како и со рестартирање на ТЕЦ „Неготино“, да обезбеди стабилно снабдување во текот на зимата, да спречи посериозно зголемување на цената на струјата и да ја спаси земјата од европскиот енергетски ценовен шок“, рече Мицкоски.

На тој начин, како што истакна, Владата планира енергетски да ја затвори зимата, без посериозни скокови и зголемувања на цената на електричната енергија.

„Ќе се потрудиме да нема воопшто или да има некоја минимална маргина, која ќе биде помала од пет%. Тоа е рамковно на она што во моментот го работи и планира Владата. Како прв чекор за зголемување на домашното производство е почетокот на транспортот на јаглен од Косово кон „Осломеј“ и „Битола“. За таа цел се подготвува посебен граничен премин, покрај главниот премин Блаце, кој порано го користел КФОР, а сега се адаптира во соработка со Армијата и Царинската управа“, рече премиерот.

Според најавите, на овој премин треба да се обезбеди дневна пропустливост на повеќе од 200 камиони, покрај 50-60 камиони што би минувале преку Блаце.

Целта е да се овозможи испорака на над 6.000 тони јаглен дневно за потребите на термоелектраните. Кога на тоа ќе се додаде локалниот ископ на јаглен и увозот на помали количини од Грција, се очекува стабилна пропустливост на трите блока и сето тоа дополнето со производство од „Осломеј“. 

Тендерот за транспорт и ископ на јаглен во Косово е во тек и се очекува да заврши до крајот на месецот.

„Вториот чекор е рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“. Производната цена на електричната енергија од оваа централа во моментот е двапати пониска од онаа на берзите. Транспортот нема да оди со камиони, туку за снабдувањето со гориво се планира транспорт од пристаништето во Солун преку железница. За таа цел, во тек е итна реконструкција на железничката делница што од главната пруга на Коридорот 10 води до ТЕЦ „Неготино“. Дрвените прагови се заменуваат со бетонски за пругата да може да издржи товар од над 10.000 тони“, рече Мицкоски.

Според премиерот, цистерни, вагони и логистика има за да не се случува како порано транспорт со камиони, па да се остава простор за шпекулации, а сето ова го организираат државните компании.

Мицкоски посочи дека енергетската криза, која трае од крајот на февруари, станува сè подлабока, особено поради ниските резерви на гас во Европа и ниските водостои на главните реки, што влијае и врз производството на хидроенергија.

Овој концепт на Владата смета дека ќе даде резултати, односно нема да има зголемување на цената на електричната енергија, како што е тоа во Европа.

Цените на енергентите, рече, се многу битни затоа што тоа директно влијае на инфлацијата. Тој посочи дека просечната инфлација во октомври во земјата изнесувала 3,3% наспроти 4% во Европската Унија, а во третиот квартал кај нас била 2,5%, а во ЕУ 3,5%.

Мицкоски додаде дека Владата досега успевала да ги менаџира состојбите со нафтата и нафтените деривати посочувајќи дека цената на дизелот во земјата е под 1,5 евро за литар, а во соседните земји е над две евра.

Тој изрази надеж дека проблемите со Ормускиот Теснец и војната во Украина ќе завршат, што, како што рече, би овозможило полесно справување со енергетските предизвици.

Повеќе
Бернам од КОП31: Чистата енергија е единствениот пат до енергетска безбедност
Туркије регистрираше 102 производи со географска ознака во првите 10 месеци од 2026 година
Курум од КОП31 предупредува: Ниту една земја не може сама да се соочи со климатската криза
Папата Лав XIV започнува значајна посета на Перу, по емотивното заминување од Аргентина
Туркије ги осудува израелските изјави упатени кон претседателот Ердоган како „гнасна и дрска клевета
Турскиот претседател се сретна со лидерите на Босна и Херцеговина во Анталија
Медински: Москва и Киев се приближиле кон мир по трилатералните разговори во Абу Даби
Пирц Мусар: Нашите одлуки мора да бидат водени од факти, а не од краткорочни политички интереси
Развојна банка на ЕУ ќе инвестира 6 милијарди долари во транзицијата кон чиста енергија во Туркије
Милатовиќ на КОП31: Црна Гора гради одржлива иднина преку 4 столба и проектот „Еколошка држава 2.0"
Фон дер Лајен: Светот е на пресвртница поради енергетските прекини и климатските предизвици
Силјановска-Давкова на КОП31: Веројатно сме последната генерација што има време да го промени курсот
Вучиќ: Целосно би ги игнорирал претседателските избори
Ердоган и Женг разговараа за продлабочување на соработката меѓу Туркије и Кина
Потребен е регионален пристап во управувањето со шумските богатства