Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије ја одржува својата стабилност, истовремено преземајќи одговорност за решавање на споровите, во време кога војни, конфликти и кризи се одвиваат во нејзиното непосредно соседство и низ светот. Тој го истакна ова во видеопорака по повод Денот на Републиката, јавува Анадолу.
„Им го честитам 29 Октомври – Денот на Републиката на нашиот сакан народ, на нашите браќа и сестри кипарски Турци и на сите наши граѓани што живеат во различни делови на светот.
Им изразувам најискрена благодарност на нашите ценети гости во дипломатските претставништва во странство, кои ја споделуваат радоста и возбудата од нашиот национален празник. Исто така, срдечно ги поздравувам сите наши пријатели, браќа и сестри во различните делови на нашиот географски и културен простор, чии срца чукаат заедно со нашиот народ и кои ги споделуваат нашите радости и таги, обединети со нас во судбината и духот.“
Истакнувајќи дека Републиката е најсилното сведоштво за решеноста на турскиот народ да живее слободно, неговата волја да остане независен и одлучноста самиот да ја определува својата иднина, Ердоган рече дека националната борба, предводена од Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Туркије, му покажала на светот што може да постигне обединет народ дури и во најтешките околности.
„Овој голем успех, постигнат и покрај сериозните ограничувања, не само што ја промени судбината на еден народ, туку и ја впиша во историјата моќта на националната волја и неопходноста од правото на независен живот“, додаде тој.
Ердоган нагласи дека земјата ќе остане посветена на заложбите за мир и правда, водена од мотото „Мир во земјата, мир во светот“.
„Одлучноста, храброста и решителноста што ги покажавме како народ пред точно 103 години и денес продолжуваат да бидат еден од нашите најсилни извори на мотивација. Напредокот што го постигнавме во изминатите 24 години во широк спектар области, од одбранбената индустрија и енергетиката до транспортот и дипломатијата, го сметаме за пресвртници на патот кон влијателна и просперитетна Туркије.
Нашата земја, која развива сопствени технологии, ги проширува своите одбранбени капацитети, ја зајакнува сигурноста на снабдувањето со енергија, ја модернизира транспортната инфраструктура за да одговори на барањата на времето и постојано го зголемува производствениот капацитет, самоуверено чекори кон посилна иднина.
Како 86 милиони луѓе, обединети околу нашите заеднички вредности, ќе ја претвориме нашата визија за „Столетието на Туркије“ во реалност и заедно ќе ја водиме Република Туркије, која ја сметаме за заеднички покрив што нè засолнува сите, кон многу посветла иднина.
Со задоволство истакнувам дека, фала му на Бога, Туркије денес е посилна отколку вчера. Ако даде Господ, утре ќе биде уште посилна, попочитувана и повлијателна во сите области. Со Божја помош, турскиот народ ќе остави свој белег во овој век.
„Нека Бог ни го отвори патот и на нашиот народ да му подари светла иднина. По овој повод, со почит и пиетет се сеќавам на Гази Мустафа Кемал Ататурк, основачот на нашата Република, на неговите соборци, на хероите на нашата национална борба и на нашите сакани маченици кои ги жртвуваа своите животи за нашата татковина, а на нашите воени ветерани им изразувам благодарност“, изјави Ердоган.
„Среќна 103-годишнина од нашата Република“, заклучи тој.



























