Вучиќ: Србија ќе продолжи да се вооружува за да ги одврати потенцијалните агресори
Луѓето во Србија треба да бидат спокојни и мирни, нашата доктрина е недвосмислена, вложуваме огромни пари во оружје и опрема за да го одвратиме секој потенцијален агресор од напад врз нашата земја, рече српскиот претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека Србија ќе продолжи да се вооружува за да ги одврати потенцијалните агресори, како и да следи каков вид оружје купуваат соседните земји.
„Имаме јасна воена доктрина и продолжуваме да работиме соодветно“, рече Вучиќ кога беше замолен да коментира за извештајот на хрватската телевизија дека Хрватска набавила половни авиони Рафал од Франција, додека Србија набавила нови.
Претседателот истакна дека Србија ќе продолжи да се вооружува.
„Луѓето во Србија треба да бидат спокојни и мирни, нашата доктрина е недвосмислена. Вложуваме огромни пари во оружје и опрема за да го одвратиме секој потенцијален агресор од напад врз нашата земја. Што се однесува до признанието дека тие купиле половни, а ние купивме нови Рафали, тоа не е крај, тоа е само почеток. Ќе купиме многу повеќе“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека граѓаните на Србија ќе бидат запознаени со ова „за половина година, година и пол, две години“.