Министерството за правда на САД по третпат поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Федералното биро за истраги (ФБИ), Џејмс Коми, со обвинување дека во октомври 2016 година обелоденил информации поврзани со националната одбрана, се наведува во објавените судски документи.
Во кривичната пријава, која содржи две точки и е поднесена на 5 октомври пред Окружниот суд на САД за округот Колумбија, се тврди дека Коми свесно и намерно пренел, доставил и испратил – или предизвикал таквите информации да бидат пренесени, доставени и испратени – до лице кое немало овластување да ги прими.
Обвинителите тврдат дека на 5 октомври 2016 година, Коми – дејствувајќи преку еден или повеќе соучесници – му наложил на „Лице бр. 1“ да обелодени информации поврзани со националната одбрана пред новинар од национален медиум.
Според весникот The Wall Street Journal, овие информации подоцна биле објавени во напис на The New York Times.
Документот е потпишан од вршителот на должноста заменик-обвинител на САД, Р. Трент Мекотер.
Од Министерството за правда изјавија дека пријавата, поднесена точно десет години по наводното обелоденување, има за цел да го зачува предметот пред да истече рокот на застареност, додека истовремено се работи на обезбедување обвинение од голема порота.
Во постапка што не е јавна, Коми поднесе барање за отфрлање на случајот, тврдејќи дека обвинението мора да биде покренато во рамките на десетгодишниот рок и дека кривичната пријава е недоволна.
„Обвинението од голема порота суштински се разликува од кривичната пријава“, наведоа неговите адвокати во судски поднесок. Во видеоснимка објавена на социјалните мрежи, Коми го коментираше случајот.
„Ова би било речиси смешно, да не станува збор за толку фрапантна злоупотреба на Министерството за правда – нешто кон што не смееме да останеме рамнодушни“, рече тој.
„За мене ништо не е променето. Останувам невин. Сè уште не се плашам од нив и сè уште верувам во независното федерално правосудство“, додаде тој.






















