Министерството за семејство и социјални услуги на Република Туркије и Министерството за социјална политика, демографија и млади на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во областа на социјалните услуги.
Документот го потпишаа министерката за семејство и социјални услуги на Република Туркије, Махинур Оздемир Ѓокташ и министерот за социјална политика, демографија и млади, на Република Северна Македонија, Ѓоко Велковски.
„Меморандумот претставува основа за продлабочување на институционалната соработка и размена на знаења, искуства и добри практики во повеќе области од значење за унапредувањето на социјалната заштита и благосостојбата на граѓаните“, изјави министерот Велковски, стои во соопштението на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Се додава дека „соработката опфаќа области поврзани со јакнењето на семејството, развојот и унапредувањето на социјалните услуги за семејствата, жените, децата, лицата со попреченост и постарите лица, како и подобрување на социјалната интеграција на лицата со зависности.“
Турската министерка за семејство и социјални услуѓи Махинур Оздемир Ѓокташ во рамките на нејзината посета на земјава учествуваше и на отворањето на Балканската средба на жените на Светскиот турски бизнис совет (ДТИК), каде имаше свое обраќање, а потоа учествуваше и на специјалната сесија насловена „Моќта на жената, иднината на претприемништвото“.
По конференцијата, таа оствари средба со турските пратеници во Собранието на РСМ, а потоа во Собранието се состана и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.




























