Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Саид Катибзаде, потврди дека делегација од Техеран ќе замине во Пакистан на мировни разговори со САД, во услови на тензиите околу смртоносните израелски напади во Либан.
Во разговор за програмата „Тудеј“ на Би-Би-Си, Катибзаде рече дека Иран останува „многу фокусиран на тоа да заврши конфликтот“, бидејќи преговорите со САД се „во рамките на националните интереси“. Тој додаде дека „разменетите пораки“ меѓу двете страни продолжиле преку Пакистан во текот на ноќта.
Катибзаде рече дека разбира оти се очекува американскиот потпретседател Џ.Д. Венс да ја предводи американската делегација, додека претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф веројатно ќе го предводи иранскиот тим.
Заменик-министерот за надворешни работи го обвини Израел за „сериозно кршење“ на договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран, нагласувајќи дека Либан бил вклучен во двонеделниот договор.
„Не можете да барате прекин на огнот... а потоа вашиот сојузник едноставно да започне масакр“, рече тој, додавајќи дека Иран испратил „кристално јасна“ порака до Белата куќа.
Тој, исто така, предупреди дека САД „мора да изберат помеѓу војна и прекин на огнот“, велејќи дека двете „меѓусебно се исклучуваат“.
Хатибзаде го опиша Хезболах како „либанско движење за слобода“ кое добива иранска поддршка, инсистирајќи дека „се придржувало“ кон условите за прекин на огнот.
Тој додаде дека Иран очекува сите страни во регионот да го почитуваат договорот и го повика Вашингтон да се погрижи неговите сојузници да го сторат истото.
И покрај ескалацијата, Катибзаде посочи дека Техеран останува посветен на дипломатијата, велејќи дека Иран е фокусиран на „благосостојбата на целиот Блиски Исток“ додека разговорите напредуваат.
Одделно, Катибзаде рече дека Иран е „на работ да одговори“ на кршењата на прекинот на огнот од страна на Израел против Либан, но Пакистан интервенирал“, според полуофицијалната новинска агенција Фарс.
„Секој мир во регионот мора да го вклучи и Либан, а наредните часови се многу критични“, рече тој.










