Припадник на Жандармеријата, кој ја обезбедувал Амбасадата на Израел во Белград, бил нападнат 15 минути по полноќ, а напаѓачот бил убиен, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР).
По инцидентот, нивото на терористичка закана било подигнато на највисокиот, црвен степен.
Според соопштението на МВР, наредено е и засилено полициско присуство на локации од посебно безбедносно значење.
Министерот за внатрешни работи на Србија во техничкиот мандат, Ивица Дачиќ, изјави дека малолетно лице, чиј идентитет засега не е утврден и за кое постои сомневање дека е од Шабац, нападнало припадник на Жандармеријата со два ножа.
„Припадникот на Жандармеријата во самоодбрана го ликвидирал напаѓачот“, наведе Дачиќ, додавајќи дека полицаецот во инцидентот бил полесно повреден, односно се здобил со исекотина на лицето.
Дачиќ потврди дека истрагата е во тек и дека се очекува повеќе детали да бидат познати откако надлежните органи ќе ги утврдат сите околности на инцидентот.
„Имајќи предвид дека терористичкиот напад се случи на наша територија, како министер за внатрешни работи надлежен за ова прашање, го подигнав нивото на опасност од тероризам на највисокото можно ниво, односно на црвен степен“, изјави Дачиќ.
Според него, оваа мерка подразбира засилени контроли и поголемо полициско присуство на локации од посебно безбедносно значење, вклучително и на инфраструктурни објекти и места каде што се собира поголем број граѓани.
Во соопштението на МВР се наведува и дека идентитетот на напаѓачот сè уште не е утврден, но дека „надлежните служби и претходно го следеле и дека, според достапните информации, бил приврзаник на терористичката организација ИСИС.“
„На својот профил на Инстаграм имал црно знаме и симбол на Исламската држава“, се наведува во соопштението.
Повредениот припадник на Жандармеријата се чувствува добро и се очекува денеска да биде пуштен од болница.























