Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес оствари средба со премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, кој престојува во официјална посета на земјата.
Двајцата премиери, како што соопшти Владата на РСМ, разговарале за унапредување на билатералните односи, економската соработка и инфраструктурното поврзување.
„Официјалната посета на премиерот на Република Србија, г. Ѓуро Мацут, претставува важен чекор во насока на продлабочување на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, засновани на меѓусебна почит, разбирање и заедничка заложба за стабилност, развој и просперитет на целиот регион. Акцент беше ставен и на трговската размена, заедничките енергетски проекти и олеснувањето на движењето на луѓе и стоки“, се додава во соопштението на Владата.
Мицкоски на средбата истакнал дека Србија е искрен партнер и пријател, со кого Северна Македонија ја споделува визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан.
Српскиот премиер Мацут, од своја страна, изрази поддршка за реформските процеси во државата и нагласи дека „Белград и Скопје ќе продолжат да соработуваат на заеднички проекти што се во интерес на граѓаните на двете земји“.
Двете страни се согласија дека продлабочувањето на пријателските врски меѓу двете држави претставува значаен придонес за регионалната стабилност и европската перспектива на Западен Балкан.


















