Муцунски: Стратешкиот дијалог со САД ја реафирмира нашата улога како кредибилен сојузник и партнер
Фокусот на разговорите е на глобалните и регионалните прашања, одбраната и безбедноста, енергетиката и економската соработка, сајбер и дигиталната безбедност, како и зајакнувањето на граничната безбедност и справувањето со транснационалните закани
Стратешкиот дијалог со САД ја реафирмира нашата улога како кредибилен сојузник и партнер, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој ја предводи високата владина делегација на втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД којашто се одржа вчера во Вашингтон.
„Во Вашингтон ја предводам делегацијата која учествува на втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, која ја отворивме заедно со Брендан Ханрахан, висок претставник на Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот. Овој дијалог претставува важен формат за унапредување на билатералната соработка и потврда за силното сојузништво и стратешко партнерство“, напиша Муцунски на Фејсбук.
Тој наведува дека фокусот на разговорите е ставен на клучни области, вклучително глобалните и регионалните прашања, одбраната и безбедноста, енергетиката и економската соработка, сајбер и дигиталната безбедност, како и зајакнувањето на граничната безбедност и справувањето со транснационалните закани.
„Втората сесија на Стратешкиот дијалог претставува потврда за заедничката определба за унапредување на мирот, безбедноста и просперитетот, како и за натамошно зајакнување на трансатлантските врски. Стратешкиот дијалог ја реафирмира нашата улога како кредибилен сојузник и партнер, со јасна посветеност кон заедничките вредности и стабилноста на регионот“, стои во објавата на Муцунски.
Од МНР посочуваат дека Македонија е прва земја од Европа која во Вашингтон реализира сесија на Стратешкиот дијалог во мандатот на оваа администрација и оти Стратешкиот дијалог во Вашингтон претставува важна платформа за унапредување на билатералната соработка во клучни области и потврда за долгогодишното сојузништво и силното стратешко партнерство меѓу двете земји.