Милановиќ му порача на израескиот амбасадор: Ова е Загреб, не е Тел Авив
Хрватскиот претседател ги отфрла тврдењата на израелскиот амбасадор за иранската амбасада во Загреб и предупредува на независноста на хрватската надворешна политика
Што е убивањето во Газа ако не тероризам, порача во средата претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, реагирајќи на изјавите на израелскиот амбасадор дека Хрватска треба да ја провери иранската амбасада во Загреб поради можна поддршка на тероризмот.
„Иран навистина, кога станува збор за Блискиот Исток, како и Израел, е склон кон одредени терористички методи. Што е убивањето во Газа ако не тероризам и што е иживувањето на израелските војници, ако не е тероризам? Меѓутоа, кога станува збор за Европа, Иран во Европа не дејствува терористички“, изјави Милановиќ пред новинарите во средата.
Тој ги коментираше тврдењата на израелскиот амбасадор Гери Корен дека во иранската амбасада во Загреб „можеби има припадници на Револуционерната гарда со задача да собираат разузнавачки информации и да поддржуваат тероризам“.
Милановиќ наведе дека амбасадорот бил повикан на Пантовчак, каде што му било кажано да не ја вознемирува јавноста и да не ѝ нанесува штета на Хрватска.
„Тој некој службеник од Тел Авив или од каде и да е, речиси кажа дека среде Загреб има терористичко гнездо во иранската амбасада“, рече тој, додавајќи дека „туѓи инфекции и бацили во Хрватска нема да прифаќаме, ни израелски ни ирански“.
„Ова е, браќа, Загреб, не е Тел Авив“, нагласи хрватскиот претседател и додаде:
„Нека господата се однесуваат во согласност со тоа, а ако не – тоа значи дека Владата ги толерира. Тој службеник од Тел Авив или од каде и да е рече дека во иранската амбасада има терористичко гнездо среде Загреб, па ајде ние да ги растераме – за тоа не ни треба израелски амбасадор, ционист, тоа не ми треба.“
Милановиќ претходно ги осуди американските и израелските напади врз Иран, а денес повторно порача дека треба да се има предвид дека Иран е членка на Обединетите нации и дека бил „нападнат без мандат од ОН“.