Туркије и Азербејџан се две оази на стабилност во регион кој се соочува со бројни предизвици, изјави во среда турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Фидан, во објава на турската социјална мрежа НСосијал (NSosyal), по посетата на Азербејџан, изјави дека Анкара и Баку одржуваат тесна соработка и солидарност во услови на глобални предизвици и регионални случувања.
„Во нашиот регион, кој е место на бројни проблеми, Туркије и Азербејџан се две оази на стабилност“, рече Фидан.
Тој нагласи дека неговата посета на Азербејџан се совпадна со 108-годишнината од ослободувањето на Баку од окупацијата, оценувајќи дека тоа е среќна случајност.
За време на посетата, Фидан беше примен од азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и имаше сеопфатни разговори со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов.
Според него, разговорите опфатиле регионални кризи, напори за воспоставување траен мир, стабилност и просперитет во Јужен Кавказ, како и заедничката иднина на туркискиот свет.
Двајцата министри разговарале и за чекорите за подобрување на економските и трговските односи, заедничките проекти во енергетскиот и транспортниот сектор, како и за соработката во областа на безбедноста.
„Ќе продолжиме дополнително да ја продлабочуваме соработката со братскиот Азербејџан и да одиме рамо до рамо кон нашите заеднички цели“, рече Фидан.
Турскиот министер им се заблагодари на Бајрамов и на азербејџанските претставници за нивното искрено гостопримство.






















