Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) денес соопшти дека соборил американско беспилотно летало Ем-Кју-9), тврдејќи дека во иранскиот воздушен простор навлегле и беспилотно летало „Ар-Кју-4“ и борбен авион „Ф-35“, кои потоа биле принудени да се повлечат.
Леталата навлегле во иранскиот воздушен простор над регионот на Персискиот Залив, се наведува во соопштението на ИРГЦ, кое го пренесе иранската државна новинска агенција ИРНА.
Воените сили, исто така, соопштија дека го задржуваат правото „да одговорат на секое прекршување на прекинот на огнот од страна на агресорската американска Армија“.
Претходно во текот на денот, иранската полудржавна новинска агенција Фарс извести дека американски и израелски авиони погодиле ирански бродови јужно од островот Ларак во близина на Ормускиот Теснец, при што загинале неколку ирански државјани.
Овие тврдења не можеа да бидат независно потврдени.
Ваквиот развој на настаните доаѓа во време на напорите за посредување предводени од Пакистан, со цел да се стави крај на конфликтот што започна со американските и израелските напади врз Иран на 28 февруари, по што следуваа одмазднички напади од страна на Иран.
Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април, а подоцна беше продолжен на неодредено време од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.










