Во истражувањето, објавено доцна во средата од израелскиот јавен сервис КАН, се тврди дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговата партија Ликуд пред изборите осмислиле план да ги обвинат арапските граѓани на Израел за манипулирање со резултатите.
Парламентарните избори се одржаа на 27 октомври, при што блокот на Нетанјаху освои 53 од 120-те пратенички места, додека опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот освои 48, а арапските партии 19 места.
Ајзенкот обезбеди поддршка од поголем број пратеници отколку Нетанјаху, па на 8 ноември доби мандат за формирање нова влада.
Според истражувањето, планот бил подготвен организирано – започнал во кабинетот на Нетанјаху и се проширил до илјадници претставници на „Ликуд“ распоредени на избирачките места.
Во него се наведува дека партијата се подготвувала за можен изборен пораз преку кампања, започната неколку недели пред гласањето, чија цел била одговорноста за таков исход да им се припише на арапските гласачи.
Излезноста кај арапските гласачи достигнала 80%, додека вкупната излезност изнесувала 77,7% – највисоко ниво од 1999 година, според податоците на Централната изборна комисија.
Според извештајот, Арапите сочинуваат 21% од населението на Израел, кое брои повеќе од 10 милиони жители.
Во истражувањето се додава дека кампањата „Арапите ги украдоа изборите“ не е првиот случај во кој на мета се арапските граѓани на Израел.
Се наведува дека на денот на изборите, Ликуд поднел околу 1.280 претставки, тврдејќи дека на арапските гласачи им биле нудени пари и ваучери за пазарување во замена за нивниот глас.
Истражувањето исто така пренесува сведоштва на жители од јужниот град Рахат, во пустината Негев, кои биле повикани на распит поради сомневања за влијание врз изборите и делење пари.
Еден од испрашуваните изјавил дека полицијата го прашала зошто сакал да гласа за „Обединетата арапска листа“, додавајќи дека службениците му рекле оти е осомничен за делење пари на гласачите.
Тој негирал дека знае нешто за овие обвинувања. Тврдењата за купување гласови и изборни манипулации предизвикаа политички и правни контроверзии во Израел, иако Централната изборна комисија не објави докази за неправилности што би влијаеле врз конечните резултати.
Според израелски извештаи, кабинетот на Нетанјаху ги отфрли обвинувањата дека тамошни функционери биле вклучени во организирањето на овој случај.
На Нетанјаху му се суди по обвиненија за корупција, за што, доколку биде прогласен за виновен, може да добие затворска казна. Исто така, од 2024 година тој е баран од Меѓународниот кривичен суд поради обвиненија за воени злосторства во Појасот Газа, извршени од 2023 година наваму.























