Пакистан: Најмалку 12 загинати во самоубиствен бомбашки напад пред судот во Исламабад
Според полициски извори, напаѓачот се обидел да влезе во судската зграда, но откако не успеал, детонирал експлозив во близина на полициско возило, објавија локалните медиуми
Најмалку 12 лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени денес при експлозија пред комплекс на судот во главниот град на Пакистан, Исламабад, соопшти пакистанската полиција.
Судската зграда беше евакуирана веднаш по експлозијата, а присутните беа изнесени низ задниот излез, објави порталот „Њуз“.
Заменик-генералниот инспектор на полицијата во Исламабад, главниот комесар и форензички тим набрзо пристигнале на местото на настанот, додека спасувачките екипи и членовите на силите за спроведување на законот ги пренеле повредените и мртвите во болница.
Во главната болница во главниот град, Пакистанскиот институт за медицински науки е прогласена вонредна состојба.
Според полициски извори, напаѓачот се обидел да влезе во судската зграда, но откако не успеал, детонирал експлозив во близина на полициско возило, објавија локалните медиуми.
Одделно, безбедносните сили извршуваат операција против тројца вооружени лица кои се кријат во зграда на колеџот Вана Кадет во северозападен Пакистан, соопштија безбедносни извори.
Според истите извори, околу 500 кадети се сместени во студентски дом одвоен од зградата во која се засолниле напаѓачите, во областа Јужен Вазиристан.