Рекламирањето на брза храна од денеска е забрането во Велика Британија
Забраната како дел од мерките за борба против дебелина кај децата се однесува на рекламирање храна и пијалоци со висока содржина на масти, сол и шеќер на телевизија пред 21 часот, како и во секое време на интернет
Денеска во Велика Британија стапи на сила забрана за рекламирање на брза и нездрава храна на телевизија и на интернет, како дел од мерките за борба против дебелината кај децата.
Забраната важи за целата територија на Обединетото Кралство и се однесува на рекламирање храна и пијалоци со висока содржина на масти, сол и шеќер на телевизија пред 21 часот, како и во секое време на интернет.
Мерката опфаќа производи кои, според Би-Би-Си, се сметаат за најголеми причини за дебелина кај децата, вклучувајќи газирани пијалоци, чоколадо и слатки, пица и сладолед.
Покрај нездравите производи, забраната важи и за одредени видови каша и житарки за појадок, засладени пекарски производи, како и готови оброци и сендвичи.
Одлуката за тоа кои производи спаѓаат под забраната се донесува врз основа на систем за бодување кој ги проценува нутритивните вредности и содржината на заситени масти, сол и шеќер.
Обичната овесна каша и повеќето житарки, мусли и гранола чоколатца се ослободени од мерките, но верзиите со додаден шеќер, чоколадо или сируп би можеле да бидат забранети.
Забраната се однесува само на реклами со нездрави производи, што значи дека синџирите за брза храна сè уште можат да рекламираат користејќи ги своите брендови.
Досега, ваквите реклами беа забранети само на платформи каде што повеќе од 25% од нивната публика е под 16 години.
Според Националната здравствена служба (НХС) на Велика Британија, речиси едно од десет деца на возраст од седум години се дебели, додека едно од пет деца под пет години имаат расипување на забите.
Владата вели дека изложувањето на децата на реклами за нездрава храна влијае на нивните навики во исхраната уште од рана возраст и го зголемува нивниот ризик од прекумерна тежина.
Владата проценува дека новата забрана ќе спречи околу 20.000 случаи на детска дебелина.