Синот на Гадафи, Саиф ал-Ислам убиен во сопствената куќа

Политичкиот тим на Гадафи соопшти дека четворица маскирани мажи влегле во неговата куќа и го убиле на кукавички и предавнички начин и ги исклучиле безбедносните камери во куќата во очаен обид да ги прикријат трагите од нивниот гнасен злостор

By
Иако во 2021 година ал-Ислам се регистрираше како претседателски кандидат на изборите кои не се одржаа, не се појавувал многу во јавноста / Reuters

Саиф ал-Ислам Гадафи, син на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, бил убиен во вторник во својот дом во либискиот град Зинтан, објави Ал Џезира, повикувајќи се на официјални лица и локални медиуми.

Адвокатот на Гадафи, Халед ал-Заиди, и неговиот политички советник, Абдула Отман, ја објавија неговата смрт синоќа во одделни пораки на Фејсбук, без да дадат детали, објавува денес Ал Џезира.

Либанскиот весник „Фавасал Медиа“ ги пренесува зборовите на Отман дека вооружени лица го убиле Гадафи (53) во неговата куќа во либискиот град Зинтан, околу 136 километри југозападно од Триполи, каде што ги поминал последните десет години.

Политичкиот тим на Гадафи подоцна издаде соопштение во кое се вели дека „четири маскирани мажи“ влегле во неговата куќа и го убиле на „кукавички и предавнички начин“.

Исто така, се вели дека Гадафи се судрил со напаѓачите, кои ги исклучиле безбедносните камери во куќата „во очаен обид да ги прикријат трагите од нивниот гнасен злостор“.

Калед ал-Мишри, поранешен претседател на Високиот државен совет со седиште во Триполи, меѓународно признато владино тело, повика на „итна и транспарентна истрага“ за убиството, во објава на социјалните мрежи.

Сторителите на убиството и мотивот сè уште не се познати.

Саиф ал-Ислам Гадафи се школувал на Лондонската школа за економија и зборувал одличен англиски јазик. Многу земји првично го сметале за прифатливо, пријателско лице за лидер на Либија.

Гадафи никогаш не имал официјална владина функција во Либија, но се верува дека бил де факто број два во земјата помеѓу 2000 и 2011 година, сè додека либиските опозициски сили брутално не го убиле неговиот татко Моамер Гадафи.

Во 2011 година, Саим Гадафи бил затворен во Зинтан, а врз основа на потерницата на Меѓународниот кривичен суд (МКС), бил осуден на смрт по итно судење, но бил ослободен во 2017 година како дел од општа амнестија.

Во 2021 година, ал-Ислам се регистрираше како претседателски кандидат на декемвриските избори кои на крајот не се одржаа.

Иако беше добро познат во северноафриканската земја, особено по неговата вмешаност во политиката пред 2011 година, тој не се појавуваше многу во јавноста во последниве години.