Фон дер Лајен: ЕК го поддржува отворањето на првиот преговарачки кластер за Украина

Украина ги исполни своите обврски, а сега и ние мора да го сториме истото, процесот на интеграција се базира на заслуги, а Украина заслужува да напредува, изјави Фон дер Лајен

Tреба да извршиме притисок врз Русија да започне сериозни преговори за прекин на огнот, нагласи фон дер Лајен / Reuters

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека извршното тело на Европската Унија го поддржува отворањето на првиот преговарачки кластер за пристапување на Украина во ЕУ.

Фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел изјави дека Украина продолжува да спроведува реформи под постојано гранатирање, што, според неа, остава огромен впечаток, објави денес Укринформ.

„Затоа Европската комисија го поддржува отворањето на првиот преговарачки кластер. Украина ги исполни своите обврски, а сега и ние мора да го сториме истото. Процесот на интеграција се базира на заслуги, а Украина заслужува да напредува“, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и полскиот премиер Доналд Туск.

Зборувајќи за соработката со Украина, таа нагласи дека „безбедните кредити ќе ѝ овозможат на Европа да извршува заеднички нарачки за украинскиот одбранбен сектор“.

„Колку е посилна Украина и колку подобро се брани од руската агресија, толку подобро ќе биде за нас“, нагласи претседателката на Европската комисија.

Таа потсети дека ЕУ сака да го реализира проектот за купување два милиони куршуми муниција за Украина во 2025 година.

„На политичко ниво, треба да извршиме притисок врз Русија да започне сериозни преговори и да го направиме вистинскиот прекин на огнот почетна точка“, нагласи фон дер Лајен.

Додаде дека наскоро треба да се договори 18-от пакет санкции против Русија.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека ЕУ останува посветена на отворањето на патот за пристапување на Украина во ЕУ.

„И покрај исклучително тешките околности, Украина спроведува реформи со импресивно темпо. Затоа, сега е време да ја интензивираме нашата работа и да продолжиме напред по патот на интеграција“, нагласи Кошта.

Тој додаде дека ЕУ истовремено „врши притисок врз Русија“, како и дека го усвои 17-тиот пакет санкции за време на полското претседателство, „работејќи на следниот пакет“.

Полскиот премиер Доналд Туск изрази задоволство од продолжувањето на економските санкции против Русија поради војната во Украина за уште шест месеци и додаде дека ЕУ сè уште има задача да одлучи за нов, 18-ти пакет санкции, кој ќе ја вклучува, особено, таканаречената руска „флота во сенка“.

„Ова не е само закана за нашата инфраструктура во Балтичкото Море, туку може да биде огромна закана за животната средина“, нагласи Туск.