Владимир Блажев-Панчо, член на музичко дуо „ДНК“, почина речиси седум месеци по несреќата во Кочани, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ се здоби со сериозни изгореници и повреди.
По несреќата на 16 март Панчо беше пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, а потоа во приватна клиника, каде што во изминатите месеци беше подложен на повеќе операции.
И покрај долгото лекување, тој им подлегна на повредите.
Од клиниката „Систина“ изразија длабоко сочувство до семејството, неговите најблиски и до целата македонска јавност.
Блажев беше еден од осомничените за пожарот, а за кои Обвинителството времено ја прекина постапката, поради здравствената состојба во која се наоѓаше.
Пожарот во Пулс се случи за време на настап на ДНК, а во него на самото место тогаш загина другиот член на познатото музичко дуо, Андреј Ѓоргиески.
Во трагедијата животите ги загубија и други членови на бендот- придружниот вокал Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски, тапанарите Георги Георгиев и Александар Коларов. Меѓу загинатите беше и фотографот на групата Александар Ефремов.
Панчо беше познат не само по музичката кариера туку и по хуманитарната работа, помагајќи им на многу семејства што имаа потреба.
Во трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година починаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Пред десет дена Основниот кривичен суд Скопје информираше дека е одобрен обвинителниот акт за пожарот во дискотеката-кабаре „Пулс“ во Кочани.
На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси четири месеци, ако се земе предвид дека обвинението во кое се опфатени 34 физички и три правни лица беше поднесено на 13 јуни.
Од Кривичен во дополнително соопштение информираа дека согласно АКМИС- системот предметот е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска Илиевска од одделот Кривично полнолетни.
Почетокот на судскиот процес сѐ уште не е објавен.







