Муцунски: Очекуваме неделава сите македонски граѓани да бидат евакуирани од Блискиот Исток
Приоритет за евакуацијата, која е бесплатна, имаат жените и децата, како и лицата кои отишле туристички во земјите од Блискиот Исток, изјави министерот за надворешни работи
Сите македонски државјани што се наоѓаат на Блискиот Исток и кои сакаат да се евакуираат, во текот на оваа недела ќе бидат вратени во земјата, изјави на прес конференција министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Тој, исто така, кажа дека евакуацијата е бесплатна.
„Од првиот момент на ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток воспоставивме кризен механизам и 24-часовна комуникација со нашите државјани преку дипломатско-конзуларните претставништва. Целта е јасна – нивна безбедна, навремена и организирана евакуација. Евакуацијата се одвива успешно. Дел од нашите граѓани веќе се вратени во државата, а процесот продолжува согласно утврдената динамика. До средината на оваа недела очекуваме да бидат евакуирани сите македонски државјани кои побарале извлекување“, рече Муцунски.
Тој истакна дека Владата ќе продолжи да постапува одговорно, транспарентно и координирано – сè додека и последниот македонски државјанин што побарал помош не биде безбедно вратен дома.
„Причината е тоа што државниот систем е создаден за во вакви кризни ситуации да им излезе во пресрет на граѓаните“, рече Муцунски и ги повика сите кои сакаат да се евакуираат да стапат во контакт со Министерството.
Приоритет за евакуација имаат жените и децата, како и лицата кои отишле туристички во земјите од Блискиот Исток.
Од Израел евакуирани се сите лица кои покажале подготвеност, останува уште едно лице чија евакуација ќе се реализира кога ќе се создадат безбедни услови.
Од Обединетите Арапски Емирати вчера беше евакуиран 151 патник меѓу кои има и странски државјани и тоа државјани на Црна Гора, БиХ, Украина, Косово, Србија и Холандија.
Муцунски информира дека во моментов во оваа земја има уште околу 430 македонски државјани, а во текот на оваа недела од Дубаи се планирани уште два лета.
Министерот, исто така, кажа дека вчера на аеродромот во Дубаи не се појавиле 14 лица кои претходно биле пријавени за евакуација.
Во Доха има 162 лица од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација. Во Кувајт 36, Бахреин 15, а во Саудиска Арабија 5 лица. За нив е организиран транспорт до Риад по што во текот на оваа недела ќе се реализира лет до Македонија.
Муцунски на прес – конференцијата изрази жалење што дел од медиумите пласирале непроверени информации и дезинформации во чувствителен момент за граѓаните.
„Ширењето лажни вести создава непотребна паника, ја поткопува довербата во институциите кои деноноќно работат за безбедноста на граѓаните и може да го наруши меѓународниот углед на државата“, посочи тој.