Фон дер Лајен: ЕУ мора итно да го промени својот пристап кон надворешната политика

Претседателката на Европската комисија, без да даде детали, повторно инсистираше дека ЕУ ќе му даде заем на Киев бидејќи е во прашање кредибилитетот на Унијата, како и безбедноста, иако е блокиран заемот од 90 милијарди евра за Украина

By
Може да се држиме до она што некогаш нè правеше силни и да ги браниме надминатите навики, или може да избереме поинаква судбина за Европа, рече таа / Reuters

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската Унија мора јасно и сериозно да размисли за тоа како ја спроведува надворешната политика во денешната геополитичка клима.

На состанокот на амбасадорите на ЕУ во Брисел, таа праша дали потпирањето на блокот на консензус и компромис во својата надворешна политика и донесување одлуки „помага или претставува пречка“, објавува Политико.

„Итно треба да размислиме дали нашата доктрина, нашите институции и нашиот процес на донесување одлуки, сите дизајнирани во повоениот свет на стабилност и мултилатерализам, се во чекор со брзината на промените околу нас, и во начинот на кој е дизајниран и во начинот на кој се спроведува. Знам дека ова е сурова порака и тежок разговор“, рече таа.

Зборувајќи за ветениот заем од 90 милијарди евра за Украина, фон дер Лајен рече дека ова го поставува прашањето дали системот на ЕУ е сè уште способен ефикасно да дава резултати.

Таа, без да даде детали, повторно инсистираше дека ЕУ ќе му даде заем на Киев бидејќи е во прашање кредибилитетот на Унијата, како и безбедноста.

Таа, исто така, оцени дека кризата на Блискиот Исток не била причина за нејзината прокламација, туку симптом на поширок проблем, како што беше случајот со Гренланд и Украина.

„Во време на радикални промени како сегашните, можеме или да се држиме до она што некогаш нè правеше силни и да ги браниме навиките и безбедноста што историјата веќе ги надминала, или можеме да избереме поинаква судбина за Европа“, рече претседателката на ЕК.