Првата официјална посета на претседател на Република Индија на земјава е почеток на ново и поамбициозно поглавје во билатералните односи, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со нејзината индиска колешка Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија и која е прва посета на индиски претседател на државата.
На заедничката прес-конференција, Сиљановска-Давкова истакна дека политичкиот дијалог меѓу Скопје и Њу Делхи добива нов интензитет, а фокусот во следниот период треба да биде ставен врз економската соработка.
„Вашето присуство овде има исклучително значење, бидејќи е во прашање прва официјална посета на претседател на Република Индија на нашата држава. Уверена сум дека оваа посета ќе биде почеток на ново и многу поамбициозно поглавје во односите меѓу двете држави. Сакам да истакнам на почетокот дека Вие како претседателка покажавте дека највисоките функции се заслужуваат со карактер, а не со привилегии. Се работи за неверојатно инспиративен пример, не само во индиски рамки, туку и во светски рамки, којшто претставува охрабрување за безброј жени и млади луѓе ширум светот да се занимаваат со политика. Ги потврдивме добрите политички односи, се согласивме дека вистинскиот потенцијал се уште треба да се оствари“, рече македонската претседателка.
Сиљановска-Давкова истакна дека дојде време економското партнерство да го достигне квалитетот на политичките односи.
„Економската трансформација на Индија е веројатно една од највпечатливите успешни приказни на 21. век. Во текот на само една генерација, Индија прерасна во водечка економска сила во светот, станувајќи еден од глобалните центри на иновациите, дигиталните технологии и претприемништвото. Во исто време, убедени сме дека и нашата држава има многу што да им понуди на индиските партнери. Мислам дека има импресивен спектар на можности што чекаат да се претворат во конкретни проекти. Минатата година трговската размена меѓу двете земји достигна приближно 133 милиони американски долари. Поради тоа, со претседателката Мурму го споделив моето уверување дека треба да си поставиме заедничка, поамбициозна, но остварлива цел- во следните пет години билатералната трговска размена да достигне барем 500 милиони американски долари“, рече Силјановска Давкова.
Македонската претседателка се осврна и на глобалната геополитичка ситуација, улогата на ОН и приклучувањето кон меѓународните иницијативи предводени од Индија.
„Исто така, ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за зајакнување и се надевам на идно отворање индиска резидентна Амбасада во Скопје“, рече Силјановска Давкова.
Претседателката на Индија, пак, изјави дека е сигурна оти нејзината посета на земјата ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе ги зацврсти партнерствата меѓу Македонија и Индија, но дека ќе ги подигне и на едно повисоко ниво.
„Се согласивме билатералната трговија да ја прошириме двојно од сегашниот обем. Разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително ИТ, земјоделството, обработката на храна, фармацијата, туризмот, угостителството и аудиовизуелните уметности“, рече таа.
Мурму нагласи дека ќе се интензивира и културната соработка, како и партнерството во рамките на меѓународните иницијативи, вклучително и Меѓународната соларна алијанса.
Таа најави и можности за обуки во областа на вештачката интелигенција, а во рамките на посетата, заедно со Сиљановска-Давкова, ќе открие биста на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје.
Индиската претседателка престојува во дводневна официјална посета на земјата, при што ќе оствари средби со државниот врв и ќе учествува на македонско-индиски бизнис-форум.





















