Петро го чека истата судбина како на Мадуро и Нориега?
Обвинителствата за Јужниот и Источниот округ на Њујорк водат истрага против претседателот на Колумбија за наводни контакти со нарко-картели и можно финансирање на неговата претседателска кампања од нелегални извори, објави Њујорк тајмс
Колумбискиот претседател Густаво Петро е под истрага од најмалку две федерални обвинителства во Соединетите Американски Држави, во Менхетен и Бруклин, за наводни контакти со нарко-картели и можно финансирање на неговата претседателска кампања од нелегални извори, објави Њујорк тајмс, повикувајќи се на информирани извори.
Истрагите ги водат обвинителствата за Јужниот и Источниот округ на Њујорк, со учество на агенти на американската Администрација за борба против дрога (ДEA) и Службата за внатрешна безбедност (ХСИ), и се фокусирани, меѓу другото, на можни средби на Петро со дилери на дрога и можни донации за неговата кампања.
Според изворите на Њујорк тајмс, истрагите се во рана фаза и не е сигурно дали ќе резултираат со обвиненија, додека засега нема индикации дека Белата куќа имала улога во нивното покренување.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој има затегнати односи со Петро, претходно остро го критикуваше, нарекувајќи го „болен човек“, а аналитичарите проценуваат дека истрагите би можеле да послужат како притисок врз Колумбија, клучен сојузник на САД во борбата против наркотероризмот и најголем производител на кокаин во светот, според весникот.
Нелегална кампања
Исто така, постои можност прашањето за истрагата да влијае на претседателските избори во Колумбија во мај, со оглед на тоа што Петро, првиот левичарски претседател на земјата, не може да се кандидира за втор мандат, но го поддржува својот наследник.
По јануарската акција на американската војска во Каракас, кога венецуелскиот лидер Николас Мадуро беше уапсен и префрлен во Њујорк под обвинение за трговија со дрога, Трамп одговори на новинарско прашање за можни дејствија против Колумбија со коментарот: „Тоа звучи добро“.
Односите меѓу САД и Колумбија се постабилни во последните месеци, иако истрагата се одвива во контекст на пошироката употреба на судскиот систем за спроведување на целите на надворешната политика на Вашингтон.
Петро негираше каква било поврзаност со трговијата со дрога, наведувајќи ги успесите на неговата влада во намалувањето на одгледувањето кока и борбата против вооружените криминални групи, но колумбиските медиуми претходно објавија обиди за канализирање на нелегални пари во неговата кампања, вклучително и преку неговиот син.
Неговиот син, според обвинителството во Колумбија, признал дека нелегални пари влегле во кампањата во 2022 година, но против Петро не биле покренати обвиненија, додека тој тврди дека обвиненијата биле политички мотивирани.
Односите меѓу Вашингтон и Богота беа особено затегнати во претходниот период, со меѓусебни обвинувања и политички конфликти, вклучително и спорови околу депортациите, воените операции и американските санкции наметнати врз Петро и членовите на неговото семејство.
Сепак, тензиите се смирија на почетокот на февруари, по средбата на Петро со Трамп во Белата куќа, а односите потоа почнаа да се подобруваат.
Претседателот на Колумбија на прес-конференцијата изјави дека средбата со Трамп била позитивна и дека разговарале за специфични проблеми и заедничко страдање.
„Главните играчи во трговијата со дрога не се оние за кои мислите: тие живеат во Дубаи, Мајами, Мадрид. Му ги должат своите имиња на претседателот Трамп. Тие се надвор од Колумбија и мора да бидат пронајдени“, изјави Петро пред новинарите.
Крај на мандатот
Тој треба да ја напушти функцијата подоцна оваа година, а практика на САД е обвиненијата против странски лидери често да се откриваат дури по истекот на нивните мандати, како што беше случајот со поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Ернандез, објаснува Њујорк тајмс.
Ернандез се предаде на американските власти во февруари 2022 година, неколку недели окако престана да ја извршува претседателската функција, поради вмешаност во корупција и нелегална трговија со дрога.
Тој беше екстрадиран во САД, каде во 2024 година беше осуден по три точки од обвинението за трговија со дрога и заговор за оружје на 45 години затвор. На 1 декември 2025 година, тој беше ослободен од затвор откако беше формално помилуван од претседателот Доналд Трамп.
Венецуелскиот претседател, пак, по апсењето се изјасни за невин по сите обвиненија за трговија со дрога и корупција. Обвинителите тврдат дека Мадуро надгледувал криминално претпријатие поврзано со државата кое ја претворило Венецуела во коридор за кокаин кој ги храни САД со дрога.
Деновиве Мадуро треба да се обрати пред Судот по првичното сослушување по неговото апсење во судот во Менхетен.
За многумина што гледаа, сцената од Менхетен носеше непогрешливо враќање во 1989 година, кога панамскиот лидер, генерал Мануел Нориега, бил заробен од американските сили и однесен во Флорида за да се соочи со обвиненија за дрога.
Нориега беше осуден по осум точки од обвинението и отслужи 17 години во американските затвори.
Извор: ТРТ Балкан и агенции