Рубио: Хамас не може да биде вклучен во управувањето со Газа во иднина

Идното управување со Газа сè уште треба да се разработи меѓу Израел и партнерските земји, но не може да го вклучува Хамас, секоја потенцијална улога за Палестинската самоуправа сè уште не е утврдена, рече Рубио за време на посетата на Израел

За можната анексија на Западниот Брег, Рубио рече дека тоа е закана за мировниот процес и дека САД не мислат дека анексијата ќе се случи / Reuters

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, денес изјави дека палестинското милитантно движење Хамас не може да биде вклучено во управувањето со Газа во иднина.

„Идното управување со Газа сè уште треба да се разработи меѓу Израел и партнерските земји, но не може да го вклучува Хамас. Секоја потенцијална улога за Палестинската самоуправа сè уште не е утврдена“, рече Рубио за време на посетата на Израел, според Ројтерс.

Како што изјави, Меѓународните безбедносни сили што ќе бидат распоредени во Газа во согласност со договорот за прекин на огнот ќе мора да бидат составени од земји со кои Израел „се чувствува удобно“.

Кога станува збор за можна анексија на Западниот Брег, Рубио рече дека тоа е закана за мировниот процес и дека САД не мислат дека анексијата ќе се случи.

Државниот секретар на САД додаде дека верува оти Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) не може да игра улога во Газа, нарекувајќи ја гранка на Хамас.

Меѓународниот суд на правдата (МСП) во среда објави дека нема докази дека Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВA) го прекршила принципот на неутралност или дискриминирала во дистрибуцијата на хуманитарна помош и изјави дека Израел е должен да го олесни преминувањето на итно потребната хуманитарна помош до Појасот Газа.

Судот нагласи дека, под сегашните околности, ниедна друга организација не може да ја преземе улогата што ја има УНРВА во обезбедувањето помош на палестинското население.

Израел, како што потсетува „Тајмс оф Израел“, претходно ја забрани работата на УНРВА на своја територија, обвинувајќи некои членови на таа агенција за учество во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.