Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски осуден на три години и шест месеци затвор
Јакимовски е осуден за бесправно градење на дбе бараки за административен објект на Локалната Самоуправа, како и за злоупотреба на службената положба шест години откако почна судскиот процес
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски е осуден на затворска казна од 3 години и шест месеци за бесправно градење на административен објект за општината и злоупотреба на службената положба, шест години од почетокот на судскиот проце, соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.
Во објавената пресуда на веб страницата на судот стои дека заедно со Јакимовски осуден е и поранешен вработен во Општина Карпош, Т.Ѓ. кој доби условна осуда во траење од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело.
Од Судот информираат дека претседателот на Судскиот советот ја изразил својата загрижност што оваа постапка траела повеќе од 6 години, како и дека за истото нема разумно оправдување.
„Откако постапката почна одново, поради промена на претседателот на советот, а како странките се согласија претходно изведените докази да бидат прочитани, за помалку од една година, овој предмет заврши во прв степен. Со оглед дека поради измените на Кривичниот законик во однос на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, застареа стотици предмети, а како Јавното обвинителство ја продолжи кривичната постапка против обвинетиот С.Ј, по наоѓање на овој суд не може да стане збор за продолжено кривично дело, бидејќи ниту временски, ниту пак според начинот и приликите на сторување може да стане збор за такво дело, па од тие причини судот донесе пресуда со која го одби обвинението од став I точка 1 и точка 2 од Усогласениот обвинителен акт, согласно член 402 став 1 точка 6 од Законот за кривична постапка, бидејќи кривичното гонење не може да се преземе поради застареност“, рекоа од Кривичен.
Според Судот, Јакимовски е прогласен за виновен за кривично дело Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик за изградба на деловен објект – административен објект на Локалната Самоуправа, и за ова кривично дело му изрече казна затвор во траење од 1 година.
„Предвидената казна за ова дело е од 3 до 8 години затвор, но имајќи ја предвид намената на објектот како и казнената политика на овој суд, судот ја изрече оваа казна. Имено според податоците, во овој суд досега се воделе 17 предмети за истото дело, од кои 8 се завршени со условни санкции. А само во два предмети се изречени затворски казни. Согласно член 244-а став 6 од Кривичниот законик, изградената недвижност деловен објект – административен објект на Локалната Самоуправа која се наоѓа на КП.бр.612 за КО Карпош, на ул.„Радика“ бр.9, Барака 1 и 2, се одзема во корист на Република С. Македонија“, рекоа од Кривичен.
Судот го осуди градоначалникот за Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. со став 1 в.в.со член 45 од Кривичниот законик, на казна затвор во траење од 3 години.
„Со оглед дека на обвинетиот С.Ј му се суди истовремено за две кривични дела, судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, па за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор“, соопшти Кривичен.
Судот го осуди Т.Ѓ. за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. со став 1 в.в. со член 45 од Кривичниот законик.
Двајцата обвинети солидарно се задолжени да ја надоместат штетата на Буџетските средства на Република С. Македонија.