Мицкоски: Владата ќе назначи повереници во општините во кои не се избрани градоначалници

Прво треба ДИК официјално да ги заврши изборите, па да ја информира Владата која има рок од 15 дена да постапува по информацијата, а потоа ДИК да го информира Собранието, за тоа во рок од 60 дена да закаже нови избори

By
За персонални имиња, како што рече премиерот Христијан Мицкоски, сѐ уште не се водени разговори со коалициските партнери / Others

Владата ќе именува повереници во оние места каде не беа избрани градоначалници на локалните избори, но, откако Државната изборна комисија официјално ќе ги заврши изборите и ќе достави информација, изјави премиерот Христијан Мицкоски при увидот на градежни работи поврзани со проектот градски воз.

Мицкоски истакна дека за персонални имиња сѐ уште не се водени разговори со коалициските партнери.

„Прво треба ДИК официјално да ги заврши изборите, па да ја информира Владата. Тоа очекувам дека ќе се случи следната недела. И потоа, Владата има рок од 15 дена да постапува по тоа, а потоа ДИК да го информира Собранието за да тоа во рок од 60 дена закаже нови избори во тие општини во коишто беа неуспешни. Тогаш веќе нема услов цензус, оној цензус за излезеност“, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека очекува во текот на следната недела да го добијат известувањето, па да седнат со коалициските партнери, да ги предложат имињата коишто ќе бидат повереници во тие општини во коишто не успеаја изборите.

Повторени избори за градоначалници ќе има во општините Гостивар, Маврово и Ростуша, Центар Жупа и во Врапчиште, бидејќи не беше исполнет услот за излезност од една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список.