Стармер: Ова е историски момент за продлабочување на соработката со Кина
Говорејќи на бизнис-форумот во Пекинг, Стармер изјави дека зголемениот ангажман во трговијата, културата и контактите меѓу граѓаните се од суштинско значење за зајакнувањето на меѓусебната почит и доверба
Британскиот премиер Кир Стармер ги повика британските компании да ја продлабочат соработката со Кина, нагласувајќи дека дијалогот, размената и отвореноста се клучни за градење долгорочна доверба меѓу двете земји.
Говорејќи на бизнис-форумот во Пекинг, Стармер изјави дека зголемениот ангажман во трговијата, културата и контактите меѓу граѓаните се од суштинско значење за зајакнувањето на меѓусебната почит и доверба.
„Ова е историски момент“, рече Стармер, нагласувајќи дека станува збор за прва посета на британски премиер на Кина по осум години.
„Цврсто верувам дека колку што повеќе се ангажираме, колку повеќе разменуваме и ги користиме можностите во бизнисот, уметноста, културата и во многу други области, толку повеќе градиме меѓусебна доверба и почит, кои се исклучително важни“, истакна тој.
Стармер ја нагласи и важноста од директна комуникација меѓу бизнис-лидерите и официјалните претставници од двете земји, посочувајќи дека членовите на британската делегација веќе одржале разговори со кинеските колеги, со цел унапредување на конкретни можности за соработка.
„Денес најважно е сите да разговарате меѓу себе“, рече тој, додавајќи дека континуираниот дијалог ќе помогне во отворање нови области за соработка и економски раст.
Во рамките на билатералните договори, Кина одобри 30-дневен безвизен режим за државјаните на Велика Британија, како дел од напорите за борба против транснационалниот криминал и нелегалната миграција.
Посетата на Стармер е прва ваква посета на британски премиер од 2018 година и се одвива во услови на зголемени тензии поврзани со американските царини, како и несогласувања меѓу западните сојузници околу низа прашања, вклучително и амбициите на САД во врска со Гренланд.
По средбата со Си, Стармер беше пречекан и од кинескиот премиер Ли Џијанг, со кого потпиша повеќе договори за соработка во различни области.