Цените на храната на светските пазари пораснаа во април трет последователен месец, што првенствено се должи на поскапувањето на растителните масла и зголемените цени на житата и оризот во услови на високи трошоци за енергенти, соопшти денес Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
„Референтната вредност на глобалните цени на прехранбените производи порасна во април, трет последователен месец, во услови на зголемени трошоци за енергија и нарушувања предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток“, се вели во соопштението на агенцијата.
Индексот на цените на храната на ФАО во април, во просек, изнесуваше 130,7 поени, што е за 1,6% повеќе од ревидираното ниво во март и за 2% повисоко отколку пред една година.
Индексот на цените на храната на ФАО во април изнесуваше во просек 130,7 поени, што претставува месечен раст од 1,6% и зголемување од 2% во споредба со истиот период минатата година.
Индексот на цените на растителното масло на ФАО порасна за 5,9% во однос на март, достигнувајќи го највисокото ниво од јули 2022 година, поддржан од растот на цените на палминото, соиното, сончогледовото и маслото од репка.
Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, изјави дека глобалните прехранбени системи и понатаму издржуваат и покрај прекините предизвикани од кризата во Ормускиот Теснец, додека кај растителните масла е забележан поголем раст на цените, главно поради поскапувањето на нафтата и зголемената побарувачка за биогорива.“
Индексот на цените на житата на ФАО порасна за 0,8% на месечно ниво, што е директна последица на повисоките цени на пченицата и пченката, додека индексот на сите видови ориз се зголеми за 1,9% бидејќи цените на суровата нафта и нејзините деривати ги зголемија трошоците за производство и транспорт во земјите извознички на ориз.
Индексот на цените на месото на ФАО достигна нов рекорден максимум во април, забележувајќи раст од 1,2% во однос на март и 6,4% на годишно ниво, што првенствено се должи на поскапувањето на говедското месо.
Индексот на цените на млечните производи, пак, падна за 1,1% во однос на март, а индексот на цените на шеќерот се намали за 4,7%. Ова поевтинување е резултат на очекувањата за големи залихи на светските пазари.
ФАО, исто така, ги зголеми очекувањата за глобалното производство на жита во 2025 година на 3,04 милијарди тони, што е за 6% повеќе од претходната година, додека проценката за тоа колку пченица ќе се произведе во 2026 година е малку намалена и сега изнесува 817 милиони тони.










