Земјоделците го напуштија Париз, протестите ескалираа во Тулуз

Префектот на регионот Горна Гарона и Окситанија издаде наредба со која се забрануваат протестите и движењето на трактори во и околу Тулуз на 14 јануари, но демонстрантите сепак се приближија кон центарот на градот, каде што се соочија со полицијата

By
Тракторите почнаа да се повлекуваат од Париз околу четири часот, еден ден откако влегоа во градот и зазедоа позиции околу Парламентот / Reuters

Француските земјоделци од синдикатот ФНСЕA и Млади фармери (JA) го напуштија Париз утрово откако поминаа 24 часа во близина на Националното собрание, додека Тулуз стана ново жариште на протестите на земјоделците, јавува телевизијата БФM.

Тракторите на ФНСEA и JA почнаа да се повлекуваат од Париз околу четири часот наутро, еден ден откако влегоа во Париз и зазедоа позиции околу Палатата Бурбон.

Земјоделците одлучија да останат претходната ноќ, и покрај ветувањето на премиерот дека ќе биде усвоен „законот за вонредна состојба во земјоделството“.

Потпретседателот на ФНСEA, Лук Смесар, изјави дека делегацијата била примена околу полноќ од министерката за земјоделство, Ан Женевар, која ги изнела обврските во врска со паричните и реструктуирачките кредити за најзадолжените земјоделци.

Во исто време, во Тулуз, земјоделците од Синдикатот за рурална координација одржаа протест во центарот на градот, и покрај забраната на префектурата.

Околу 40 земјоделци со петнаесет трактори влегоа во градот во текот на ноќта и се паркираа во близина на префектурата.

Сообраќајот беше сериозно нарушен утрово бидејќи патот А64 повторно беше блокиран и затворен во двата правци, додека протести беа забележани и на патот А680.

Се очекува понатамошно влошување на сообраќајните метежи.

Префектот на регионот Горна Гарона и Окситанија издаде наредба со која се забрануваат протестите и движењето на трактори во и околу Тулуз на 14 јануари, но демонстрантите сепак се приближија кон центарот на градот, каде што се соочија со полициските сили.

Според синдикатот и префектурата, четири лица биле уапсени за време на протестот.

Претставници на земјоделците изјавија дека протестите ќе продолжат во текот на денот во регионот Тулуз.

Оваа земјоделска мобилизација беше започната пред еден месец против владините мерки за справување со заразниот нодуларен дерматитис (НДЦ), болест кај говедата, и зеленото светло дадено од мнозинството земји на ЕУ во петокот за договорот со Меркосур, кој треба да се потпише во сабота, 17 јануари, во Парагвај.

Критичарите тврдат дека договорот ќе го загрози европското земјоделство со поевтин увоз од Латинска Америка што можеби нема да ги исполни европските стандарди поради недоволни контроли.

Спогодбата ЕУ-Меркосур, со која ќе се воспостави една од најголемите зони за слободна трговија во светот со повеќе од 700 милиони потрошувачи, беше критикувана и во други делови од Европа, а протести се одржаа и во Италија, Полска и Ирска.