Уставниот суд на Романија ги потврди резултатите од првиот круг од претседателските избори на 4 мај

Судот едногласно ги потврдил резултатите од првиот круг избори за претседател на Романија и го отфрлил како неосновано барањето за поништување на првиот круг избори поднесено од претседателскиот кандидат Себастијан-Константин Попеску

Eкстремниот десничар Ѓорѓе Симион победи во првиот круг со освоени 40 отсто од гласовите / Reuters

Уставниот суд на Романија денеска ги потврди резултатите од првиот круг од претседателските избори одржани на 4 мај во таа земја, на кои, според изборната комисија, победи екстремниот десничар Ѓорѓе Симион, а во вториот круг, кој ќе се одржи на 18 мај, се пласираше и независниот кандидат, градоначалникот на Букурешт Никушор Дан.

Во соопштението, судот наведува дека едногласно ги потврдил резултатите од првиот круг избори за претседател на Романија, како и го отфрлил како неосновано барањето за поништување на првиот круг избори поднесено од претседателскиот кандидат Себастијан-Константин Попеску.

Централното изборно биро (ЦЕБ) во вторник вечерта ги објави конечните резултати од првиот круг од претседателските избори, според кои Симион добил 3.862.761 глас или 40,96 проценти, а Никушор Дан 1.979.767 гласови или 20,99 проценти.

Откако Уставниот суд на Романија ги потврди резултатите од првиот круг од претседателските избори, официјално започнува изборната кампања за вториот круг.

На 24 ноември во Романија се одржа првиот круг од претседателските избори, на кои победи крајнодесничарскиот проруски кандидат Калин Ѓорѓеску.

Сепак, Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите, како и вториот круг закажан за 8 декември, велејќи дека изборниот процес бил манипулиран во корист на Ѓеорѓеску од страна на кампања поддржана од Русија.