Се проценува дека од октомври 2023 година досега 43.000 луѓе од вкупно 172.000 повредени во Газа се здобиле со тешки повреди со трајни последици, меѓу кои и околу 10.000 деца, соопшти денес Светската здравствена организација (СЗО).
Рајнхилде ван де Вирт, претставничка на СЗО за окупираната палестинска територија, во разговор со новинарите изјави дека најновите процени го отсликуваат разорното долгорочно влијание на конфликтот врз населението и здравствениот систем во Газа.
Од последниот извештај на СЗО во септември 2025 година, регистрирани се речиси 5.000 повреди со трајни последици, од кои речиси половина по објавувањето на прекинот на огнот во октомври 2025 година, изјави таа.
Според податоците на СЗО, повредите на екстремитетите го сочинуваат најголемиот дел од тешките случаи, со повеќе од 22.000 регистрирани случаи, по што следуваат над 5.000 ампутации, повеќе од 3.400 изгореници од висок степен, над 2.000 повреди на ’рбетниот мозок и повеќе од 1.300 повреди на мозокот.
Повеќе од 50.000 повредени лица сега имаат потреба од долготрајна рехабилитација, изјави Ван де Вирт.
Таа истакна дека од јули 2025 до мај 2026 година речиси 14.000 пациенти се пријавиле за ортопедско лекување на екстремитети, при што дополнителна операција им била потребна на речиси половина од оние кај кои била извршена процена.
Поради сериозниот недостиг на ортопедски помагала во Газа, трајни протези добиле само 500 од 2.300 лица со ампутирани екстремитети кај кои од септември 2024 до мај 2026 година била извршена процена.
И покрај зголемените потреби, можностите за рехабилитација и понатаму се критично ограничени, а според податоците на СЗО, во моментов во Газа целосно не функционира ниеден центар за рехабилитација.
Ван де Вирт изјави дека во моментов повеќе од 400 пациенти чекаат за специјализирани болнички места за рехабилитација, што ги принудува болниците предвреме да ги отпуштаат пациентите, со што се зголемува ризикот од траен инвалидитет.
Исто така, таа предупреди дека во изминатите две години во Газа не е влезена никаква опрема за рехабилитација, додека 18 пратки со инвалидски колички, протетски екстремитети и помагала за рехабилитација и понатаму чекаат одобрување за влез.
„Народот во Газа преживеа незамисливо страдање“, изјави таа. „Тие не заслужуваат само итна медицинска помош туку и континуирана поддршка неопходна за да закрепнат и да му се вратат на својот живот.“














