Лавров: Русија апелираше до ОН да го признае правото на самоопределување на новите руски региони

Пак се обративме до Антонио Гутереш и до неговиот тим, прашувајќи дали, ако правото на народот на Гренланд на самоопределување биде јавно признато, истото право ќе биде признато и за жителите на Донбас, Новорусија и Крим, рече Лавров

By
Kога на Крим се одржа референдум според сите правила, Западот рече дека тука не важи правото на самоопределување, истакна Лавров / Reuters

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека Москва испратила барање до Обединетите нации да го признаат правото на самоопределување на жителите на „новите региони во рамките на Русија“ и посочи дека Западот претходно го користел правото на самоопределување како клучен критериум за независноста на Косово.

„Во случајот со Косово, немаше референдум, тие едноставно рекоа дека Косово сега е независно, со што го навредија српскиот народ и неговата историја. А кога на Крим се одржа референдум според сите правила, Западот рече дека тука не важи правото на самоопределување, туку принципот на територијален интегритет“, истакна Лавров во интервју за турските медиуми.

Тој додаде дека на Албанците во Косово не им биле ускратени правата, дека го зборувале својот јазик и имале училишта на албански јазик, додека на Крим, Донбас и Новорусија Украинците законски забрануваат сè.

„Уште еднаш се обративме до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и до неговиот тим, прашувајќи дали, доколку правото на народот на Гренланд на самоопределување биде јавно признато, истото право ќе биде признато и за жителите на Донбас, Новорусија и Крим“, рече Лавров.

Референдумите за припојување на Крим (2014) и регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон (2022) кон Руската Федерација беа одржани од Русија, но ниту меѓународната заедница ниту Украина не ги признаваат, тие ги сметаат овие територии за окупирани.

Според руските податоци, 99,23 проценти од гласачите гласале за припојување на ДНР кон Руската Федерација.

Гласањето се одржа од 23 до 27 септември 2022 година, а 98,42 проценти од гласачите во ЛНР гласале за припојување на ДНР кон Русија, 93,11 проценти во Запорожјеската област и 87,05 проценти во Херсонската област.

Ова доведе до потпишување на договорот за анексија на 30 септември 2022 година.

На 16 март 2014 година беше одржан референдум на кој, според официјалните руски податоци, 96,77% од гласачите гласаа за тоа Крим да стане дел од Русија.