Во близина на седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк беше откриен „Цветот на Сребреница“, споменик посветен на жртвите на геноцидот врз Бошњаците извршен во летото 1995 година во Сребреница, Босна и Херцеговина.
На свечената церемонија присуствуваа бројни делегации, меѓу кои здруженија на жртви на геноцидот, претседавачот и членовите на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, како и министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ.
Претседавачот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ истакна дека споменикот во Њујорк претставува уште едно важно место на зачувување на сеќавањето, слично на она што неодамна беше поставено во Виена.
Тој порача дека е значајно да се потсетува на улогата на ОН, и во утврдувањето на вистината за геноцидот и во преземањето одговорност за настаните од јули 1995 година.
Комшиќ нагласи дека Босна и Херцеговина никогаш повеќе не смее да ја препушти судбината на своите граѓани на други, и дека усвоената Резолуција служи како опомена, а не како гаранција.
Тој истакна дека болката на Сребреница пред сè е болка на нејзините мајки, деца и народот на Босна и Херцеговина, и дека таа вистина не смее да се прикрива.
„Цветот на Сребреница“ во градината на ОН, рече тој, претставува потсетник, опомена и симбол на претпазливост во време кога светот повторно сведочи војни и тешки злосторства.
„Ова не е само камен, ниту само симбол. Ова е победа на вистината над негирањето, на правдата над неправдата и над децениите цинизам; глас на жртвите кој конечно стои таму каде што целиот свет мора да го види“, напиша Конаковиќ на американската социјална мрежа Фејсбук.
Тој наведе дека „ова е важно поради луѓето кои никогаш повеќе нема да се вратат дома, поради мајките кои никогаш не престанаа да ги бараат коските на своите деца“.
„Поради семејствата кои со години од негирачите на геноцидот слушаа дека геноцид не бил извршен“, додаде тој.
„Денес секој нивен чекор и секој нивен извик е врежан во меѓународна институција што зборува во име на целото човештво. Ова е голема победа за Босна и Херцеговина.“
Претседателот на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, Мурат Тахировиќ, потсети дека идејата за поставување на споменикот датира од 2017 година. Тогаш, рече, започнале разговори за резолуцијата и за споменикот во различни институции.
„Денес, со поддршка на нашата дијаспора во Њујорк, дипломатите предводени од Денис Беќировиќ и нас од здружението, го реализираме овој проект“, рече Тахировиќ, нагласувајќи дека без заедничко делување иницијативата немаше да биде остварлива.
Посебно ја нагласи важноста на локацијата на која се поставува споменикот: „Милиони луѓе доаѓаат во ОН – туристи, дипломати, државни претставници. ‘Цветот на Сребреница’ ќе биде тука да укажува и да опоменува.“
Тој порача дека „е време фактите и тие злосторства да се прифатат – не како одговорност на народите, туку како свест на народите.“
Проектот, додаде, не претставува само обележје на сеќавање, туку и траен потсетник за меѓународната заедница за неопходноста од соочување со вистината и значењето на спречување на идни злосторства.
Мунира Субашиќ, преживеана жртва и претседателка на здружението Мајки од енклавите Сребреница и Жепа, потсети дека во геноцидот во Сребреница ѝ биле убиени повеќе од 20 членови од поблиското и подалечното семејство, меѓу кои нејзиниот сопруг и помладиот син.
Таа потсети дека мајките на Сребреница веќе 30 години се борат за правда и за изведување на злосторниците пред лицето на правдата. Субашиќ ги повика сите мајки во светот да ги учат своите деца да сакаат.
„Со овој ‘Цвет’ ја победивме и домашната и светската политика, политиката на оние кои го негираат геноцидот. Овој ‘Цвет’ се нашите деца“, додаде таа.
Во паркот на ОН се наоѓа голем број споменици од светската историја, за жал и споменици посветени на трагични настани. Меѓу нив ќе биде и „Цветот на Сребреница“. Споменикот ќе претставува опомена, но и сеќавање на жртвите на геноцидот извршен на територијата на Босна и Херцеговина и докажан пред меѓународните судови.
Автор на делото кое ќе остане трајна порака пред оваа светска организација е признатиот уметник Адин Хебиб.
Подигањето на споменикот беше претходено од резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации донесена во 2024 година, со која светската организација призна дека во јули 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците.
Кон крајот на октомври, на Плоштадот на Обединетите нации во Виена, пред зградата на ОН, беше свечено откриен и споменикот „Цветот на Сребреница“.
Геноцидот во Сребреница
Припадниците на Војската на Република Српска и нивните помагачи, по падот на Сребреница на 11 јули 1995 година, убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи во серија масовни погубувања.
Во мезаријата на Меморијалниот центар Сребреница – Поточари досега се погребани 6.765 жртви на геноцидот, додека 250 жртви се погребани во месните гробишта по желба на семејствата.
За повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница сè уште се трага.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година донесе пресуда со која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше зона заштитена од ОН, Војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.
Хашкиот трибунал, Судот на БиХ, како и судовите во Србија и Хрватска досега осудија вкупно 54 лица за геноцид и воени злосторства на 781 година затвор и пет доживотни казни. На доживотен затвор се осудени, меѓу другите, поранешниот претседател на РС и командантот на нејзината војска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.



















