ДЗС се засили со уште еден професионален пилот

Во договор со директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, пензионираниот полковник, Роберт Малезански, се согласи да ја прекине воената пензија и професионално да работи во ДЗС како раководител на воздухопловниот оддел, пилот и дел од кабинетот на Ангелов

By
Со полковник Малезански, ДЗС сега има пет пилоти, од кои тројца се професионално вработени, а двајца пензионирани пилоти се вработени по договор / Others

Дирекцијата за заштита и спасување доби уште еден професионален пилот, а има одобрение за вработување на уште двајца пилоти за противпожарните „Ер трактори“, соопшти ДЗС.

„Во Новата година Дирекцијата за заштита и спасување се зајакнува со економичен професионален пилот. Станува збор за пензионираниот армиски полковник Роберт Малезански, воен пилот кој во својата кариера управувал и управувал со разни видови воздухоплови, вклучувајќи борбени авиони „галеб“, „супер галеб“, „МиГ“ 21, „сухој“ 25 и борбени хеликоптери „Ми“ 17 и „Ми“ 24, како и со разни видови спортски авиони“, соопштија од ДЗС.

Во својата армиска кариера, Малезански извршувал повеќе должности, меѓу кои и командант на Воздухопловното крило на Армијата. Во исто време, тој е инструктор за летање и тест пилот.

Инаку, во договор со директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, пензионираниот полковник, Роберт Малезански, се согласи да ја прекине воената пензија и професионално да работи во ДЗС како раководител на воздухопловниот оддел, пилот и дел од најтесниот кабинет на директорот Ангелов.

„Роберт Малезански не е само пилот или командант- тој е институционален градител, ментор, стратег и гарант за стандарди. Неговото пристигнување во нашата Дирекција е знак на сериозна надградба на нашите воздухопловни капацитети, особено во областа на управување со услуги, безбедност, стандардизација и квалитет. Ние, како Дирекција, сме привилегирани што Роберт го споделува своето знаење, искуство и лидерство со нас. Уверени сме дека под негово раководство, Одделот за услуги со воздухоплови ќе стане уште поефикасен, иновативен и ќе го предводи кон нови стандарди на безбедност, ефикасност и иновација“, рече Ангелов.

Заедно со полковникот Малезански, ДЗС влегува во 2026 година со пет пилоти, од кои тројца се професионално вработени во воздухопловниот оддел на ДЗС, а двајца пензионирани пилоти се вработени по договор.

Дополнително, ДЗС ги известува сите потенцијални кандидати за пилоти на „Ер трактори“ дека дирекцијата обезбедила одобрение од Министерството за финансии за вработување на уште двајца пилоти. Огласот ќе биде објавен дополнително.